За 30 насто е зголемен бројот на пожарите во овој период од годинава во Прилепско во споредба со исиот период лани. Ситуацијата загрижува зашто лани со 814 пожари годината беше оквалификувана со најголем број огнени стихии. Ланските 170 интервенции во овој период, сега ја достигаа бројката од 240.
Според Кристијан Момироски, командир на прилепската противпожарна единица, главен предизвикувач е човекот, намерно или не, со палење стрништа, треви одредени површини. Таков пожар деновиве ќе ги пеплосаше манастирот „Св. Никола“ кај селото Прилепец и три околни села.
-Најчесто пожарите на отворен простор настануваат од невнимание. Од населението кои ги чисти тие работни површини. Пред неколку дена пожарот во селото Прилепец беше активен во ноќните часови, единицата беше цела ноќ на терен, работевме 24 часа за да не ни се случи пожарот да се прошири спрема Волкосело, потоа кон селото Прилепец, постоеше опасност за манастирот кај селото Прилепец и кон селото Чумово, изјави Момироски.
Пожарникарите бараат поголема свесност кај граѓаните. Прилепската противпожарна единица од пожари заштитува најголема територија во земјава, околу 1 700 километри квадратни. Се бараат поригорозни казни и измени во Законот за пожарникарство за да може пожарникарите на лице место да изрекуваат казни.
-Казнените мерки треба да бидат построги и поригорозни. Треба да се предвиди и во Законот за пожарникарство да постои казнена одредба со која самиот пожарникар да може на лице место да му даде казна на палачот кој го пали огнот од невнимание, а предизвикува опасност за населението, за имотот, за растителниот и животинскиот свет. Вака, ние може само да го изгаснеме огнот, а не може да казниме никого. Досега се казнувале ама минимални се тие казни за подметнувачи на пожари на отворен простор, вели Момироски.
Во Прилеп се 34 вработени пожарникари и осуммина со договор на дело, но со летната сезона ќе бидат потребни дополнителни вработувања.