Република ВМРО-ДПМНЕ

Атанасовски: Македонска Каменица продолжува да инвестира во патната, водоводната и канализационата инфраструктура

Продолжуваме силно и посветено затоа што сите наши жители заслужуваат подобра иднина, изјави Атанасовски.

Атанасовски: Македонска Каменица продолжува да инвестира во патната, водоводната и канализационата инфраструктура

Покрај сите предизвици и потешкотии со кои се соочивме во изминатите три години, останавме на трасираниот пат и градиме поубава и посигурна општина. Си поставивме високи цели и со многу енергија, ентузијазам, идеи и визија тргнавме во трајно решавање на најелементарните и најгорливите проблеми на каменичани, изјави Димчо Атанасовски, градоначалник на Oпштина Македонска Каменица.

„Наша определба беше и останува изградба на патна, водоводна и канализациона инфраструктура во секое населено место во општината и денес, со огромно задоволство изјавувам дека во најголем дел од овие прашања се затворени или ќе бидат во годината пред нас. Македонска Каменица е синоним за урбана средина и е најзелен град во државата.

Инвестициите во образовните институции во последните три години се рекордни и го креваме воспитно-образовниот процес на највисоко можно ниво.

Нашите спортски клубови бележат врвни резултати, а каменичките културни манифестации за магнет за илјадници посетители од земјата и странство.

Општина Македонска Каменица и локалните институции и претпријатија реализираа повеќе од 250 проекти кои директно придонесуваат за поквалитетен живот на нашите граѓани.

Нашиот град има нов спортски комплекс – еден од најубавите спортски комплекси во Македонија со новоизградена пристапна улица до истиот и обезбеден паркинг простор.

Изградена е регулација и на долното течение на река Каменичка, а градскиот кеј е комплетно осветлен. Изграден е нов пешачки мост, имаме проектна документација за уште еден, а работиме на поставување на нова урбана опрема на овој простор со што ќе добиеме преубава зона за спорт и рекреација на нашите сограѓани.

Поставено е ново осветлување на влезовите на градот и кон Делчево и кон Кочани. Изградивме нова кула за рана детекција на пожари – прва ваква во република Македонија.

Ги завршивме улиците Церска, Миле Јаневски Џингар (фаза 2), реконструирана е улица Осоговска, изградена е улица „Новопроектирана“, завршени се пристапните улици во Индустриската зона, асфалтиравме локални патишта до Буќерска маала во Грчка маала во Македонска Каменица, до маала Албанци во село Тодоровци, до Дракарска маала во село Луковица, до маала Догрии и Катанци во село Дулица, до маала Карафилци во село Цера, до Чобанска маала во село Костиндол, а асфалтиравме и во село Моштица.

Изградивме нови паркинзи, пешачки патеки и тротоари на повеќе локации во централното градско подрачје.

Подготвена е комплетна документација за нови локални патишта во селата Косевица, Цера и Саса, како и за поврзување на руралните средини.

Нова водоводна и канализациона инфраструктура во руралните средини се врвен приоритет. Изградивме нови водоводни и канализациони мрежи во делови од селата Моштица, Луковица, Саса, во Индустриската зона, во маалите Тепеѓовци и Ковачевци во Македонска Каменица и нова филтер станица за село Дулица и Стара Каменица.

Ветивме енергетски независна Општина и веќе поставивме фотоволтаични системи на Дневен центар за лица со посебни потреби, на Дом на култура, Куќа на спорт и на ООУ „Свети Кирил и Методиј“. Со поддршка од државни и меѓународни фондови ќе ја продолжиме оваа тенденција и инвестициите во проекти од областа на енергетска ефикасност ќе продолжат.

Започнавме со реализација на нов проект за сообраќајна безбедност, за поставување на нова хоризонтална и вертикална сигнализација и истиот во текот на 2025 година ќе биде завршен.

За потребите на Дневниот центар за лица со посебни потреби набавивме ново специјализирано возило и истото веќе е ставено во функција и е од огромно значење за оваа категорија граѓани. Исто така, обезбедивме биохемиски анализатор, дигитален рендген и возило за потребите на Здравствената станица во Македонска Каменица.

Преку Јавното претпријатие „Камена Река“ реализиравме повеќе од 600 помали проекти и активности и речиси и да нема каменичко семејство кое директно не ги почувствувало бенефитите од беспрекорното функционирање на претпријатието.

Нашите образовни установи – детската градинка „Бамби“, основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ и средното училиште „Миле Јаневски Џингар“ заеднички реализираа над 60 значајни проекти преку кои се овозможуваат подобри услови за престој на дечињата и учениците и поквалитетен воспитно-образовен процес.

Во Детската градинка „Бамби“ набавени се нови инвертер климатизери, нови телевизори, нови плакари, столови и маси, индустриска машина за перење, нов индустриски фрижидер, комплетно реновирана кујна, нови тоалети, внатрешните дрвени се заменети со нови алуминиумски врати, градинката е комплетно надворешно осветлена со рефлектори.

Основното училиште има нова водоводна и канализациона мрежа, нови санитарни јазли, по повеќе од 20 години целото училиште е комплетно внатрешно обелено, а доби и нова акрилна заштитна сива боја. Целата внатрешна столарија во училиштето е заменета со нова, старото неонско осветлување е заменето со ново лед осветлување, поставени се нови фотоволтаични панели, еден кат од училиштето има нова електрична мрежа, набавени се нови маси и столови, 18 нови смарт табли, а поставени се и 50 нови инвертер клима уреди.

Средното училиште има реконструирани тоалети, реконструиран влез и нов под во две училници, набавени се околу 50 нови лап топ и персонални компјутери, 7 интерактивни панели, нов училиштен мебел, отворен е нов простор-медијатека, нови вариолајт завеси и заменета е оштетената столарија на дел од 1 кат во училиштето.

Општина Македонска Каменица реализираше значајни проекти и во областа на дигитализација на општинските услуги, рекордери сме по доделени социјални помошти, финансиска поддршка за новородени деца, финансиска поддршка за ученици и студенти, за еднородителски семејства, поддршка за стари и изнемоштени лица и сл.

Во делот на културата се работеше на реконструкција на оштетен дел од кров на Домот на култура, на поставување на нови инвертер клима уреди, реализирани се многу концертни активности, театарски претстави, кино проекции, драмски и сликарски секции, обезбедена е континуирана поддршка за КУД „Вера Јоциќ“.

Од општинскиот буџет се одделуваат значајни финансиски средства за поддршка на спортот и каменичките спортски клубови, кои пак се достоен репрезент на Македонска Каменица и освојувачи на бројни титули.

Наша најголема заложба е да изградиме општина во која ќе се живее поубаво, полесно и посигурно.

Ќе ги завршиме ветените инфраструктурни проекти и веднаш ќе се насочиме кон реализација на проекти за младите.

Приоритет ќе ни биде и реконструкција на Здравниот дом, реконструкција и изградба на нови содржини на градскиот базен, нова општинска зграда, инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и подобрување на визуелниот лик на градот и создавање на ултра модерна општина“, изјави Димчо Атанасовски, градоначалник на Oпштина Македонска Каменица.

Продолжуваме силно и посветено затоа што сите наши жители заслужуваат подобра иднина, изјави Атанасовски.

To top