11-то Меѓународно графичко триенале во Битола ИТГ Битола 2024, покрај огромното учество на автори од 145 држави, од декември до март ќе биде претставено и во 6 градови во Кина.
Во Битола на 9 октомври во КИЦ – офицерски, свечено беше отворено 11-тото меѓунродно графичко триенале ИГТ – Триенале Битола- 2024 година.
Триеналето, свечено го отвори градоначалникот на Битола Д-р Тони Коњановки а говореа и Амбасадорот на Република Аргентина, на кој му беше доделено специјално признание на неговата земја за придонесот во графичкото творештво, како и константното и издржано присуствово на авторите од Аргентина на самото триенале. Свое обраќање имаше и истакнатиот графичар Леонардо Готлиб, кој покрај освоентата Голема награда има и своја самостојна изложба.
Свое учество на самата манифестација пријавија 145 држави и околу 800 уметници, со што во европски па и светски размери, ова ликовно случување станува значајно и уникатно во придонесот на светската графичка мисла (изјава на истакнати професори од универзитетот во Канагава-Јапонија).
Раководителот и организатор на Графичкото триенале, Владо Ѓорески, повеќе од триесет години, ја концепира, организира и оформува оваа значајна светска манифестација. За 11 триенале, тој до уметниците достави и своевиден манифест за нејзиното понатамошно ппостоење. Воедно, во тек е собирање и видео записи од сите автори, и создавање на единствен документарен филм-„Графичарите на светот“.
Дел од 11 триеналето, од декември до март идната година ќе биде претставено во истакнати галерии на шест градови во Кина. Подготвен е и каталог со над 900 страници кој што во електронска форма ќе биде дистрибуиран до учесниците, истакнати институции и центри во светот како и неколку платформи за книги и каталози во одреден формат.
Во самиот манифест како повик за спас и ново пресоздавање особено на ликовната уметност Ѓорески, истакнува:
„Опстанокот не е во манифестациите, туку она што тие го носат – како дар и светлост за човечкото спасување пред големиот потоп. Овој идеал и надеж, наречен 11-то триенале – создаде еден вид на бројни мостови кон сите континенти. Не за потенцирање и истакнување на одбрани и „привилегирани“ дела и центри, туку за присуство на автори од секаде во светот. Овој панорамски паноптикум, докажува, покажува, потврдува, дека светот не е еднообразна насекаде иста баналност. Светот е бескрај на суштини, барање на смисла, разновидност, задлабочување во душевноста, емотивноста, мислата. Човекот мора да се ослободи од сопствените замки, особенотехнички и глобалистички. Неговата хармонија е Љубов-заемна љубов со природата, со севкупноста низ кој се простира душата. Илјадници години човекот само зема сè што може од неговото опкружување-безмилосно уништување со вулгарно материјалистички опседнатости. Единствено, преку вистинската, искрената уметност и љубов, успева да даде некој дел од себе, да се даде затоа што сме овде не за да исчезнуваме во бесмислата што си ја создаваме, туку да сме дел од огромниот космички разум и љубов.
Ни претстојат не апокалиптични, туку потполни и целосни пустински исчезнувања. Создавањето, чувствувањето, ослушнувањето на крикот на душата, се последните делчиња што останаа од нас, некогаш опално проѕирни. Ќе не биде или не, не заради војни или самоуништувања, туку заради потполното оддалечување и отфрлање на сè од што сме составени, а тоа не е вештачката интелигенција или бесмислената конформистичка бесчувствителност заробена во студените лавиринти на апсурдните метрополи.
Да се создава уметност денес не е само донкихотство, тоа е храброст, да се биде, да се живее, да се постои во другите сфери. Наградите што ги доделуваме, не се признанија на одбраните, туку прегратки за самооткажаните, за трагите што остануваат како небесни проблесоци,за вербата дека сè уште можеме да се вратиме од каде што сме дошле“.