Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва соопшти дека со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак разговарал за ситуацијата во Косово.
-Ги разгледавме можностите и темите за продолжување на конструктивните разговори во Брисел, како и чекорите неопходни за напредок кон нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој додаде дека уште еднаш ја повикал меѓународната заедница „конкретно и решително да се вклучи во прашања од фундаментално значење за опстанокот на српскиот народ во Косово и Метохија и регионалната стабилност“.
Портпаролот на Европската комисија Петер Стано претходно денеска потврди дека Лајчак ги поканил главните преговарачи на Белград и Приштина да ги продолжат разговорите во вторник, 19 март, за одлуката на Централна банка на Косово да го укине динарот, започнати пред неколку недели.