Српскиот претседател Александар Вучиќ по повод апсењето на Србите на Косово и денешниот упад во просториите на „Пошта Србија“ изјави дека однесувањето на Курти е обид да предизвика воен конфликт организиран и со поддршка на одредени западни сили, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ние не сакаме војна, сакаме да го зачуваме мирот, но тој тоа го прави намерно, организирано и со поддршка на одредени западни сили. Соопштението на Надворешната служба на европската агенција е срамно и безобразно затоа што во тоа соопштенеи тие не повикуваат да разговараме повторно за едностраните потези на Курти, кои се инаку незаконски, истакна српскиот претседател во ноќешното обраќање до јавноста при обиколака на изградбата на Детската болница „Тиршова 2“.
Тој додаде дека „каква и да глупост направи Курти тие не повикуваа да разговараме за тоа што тој брутално го прекршил“.
Вучиќ потсети дека од 2015 година постои договор за телекомуникациите „Пошта Србија“ и посочи дека овој договор е брутално прекршен.
-Текстот е намерно омекнат, знам како тое одеше од внатре. Поради две членки на Европската Унија кои секогаш ги омекнуваат сите позиции кои треба да одат против Приштина и Курти и се обидуваат да не направат будали. Тоа зборува за нив и ништо повеќе од тоа, изјави Вучиќ.
Тој кажа дека е многу загрижен. „Нема повеќе да зборувам, бидејќи се плашам дека би можел да им наштетам на интересите на мојата земја и мојот народ“, рече Вучиќ.
-Лично разговарав со Лајчак, им испратив недвосмислена порака, па ќе видиме што ќе правиме, додаде Вучиќ.
Претседателот на Србија во врска со тврдењата на социјалните мрежи дека наводно ќе прогласи вонредна состојба на 1 октомври за да може „Рио Тинто“ да ги извршува своите обврски по налог на странски служби, рече дека никогаш не ги извел војската и полицијата, ниту пак некогаш ќе го направи тоа и дека тие ќе реагираат само кога ќе се направи голема глупост, ако се упадне во институциите, се тепаат полицајци и слично.
Тој посочи и дека следните избори ќе се одржат во 2027 година, а пред тоа опозицијата има можност да го замени преку референдум за отповикување на претседателот, но дека тие не сакаат да гласаат за тоа.
На новинарско прашање дали некој од опозицијата одговорил на повикот да се соберат 70 потписи на пратеници и дека Српската напредна странка (СНС) ќе го собере останатото за да побараат референдум, Вучиќ рече дека тие одговориле дека „нема да одат на гласање“.
-Тие сакаат референдум за нешто друго, не за мене, сакаат да ме заменат, но не со референдум, рече Вучиќ.