Српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата ги отфрли приговорите и обвинувањата дека изборите на 17-ти декември биле нерегуларни и украдени, нарекувајќи ја опозицијата „лажговци“ и најави конституирање на парламентот до крајот на јануари а на новата влада во февруари, но не ја исклучи можноста за повторување на изборите за Белград.
Владејачката Српска напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ прогласи апсолутна победа во изборната ноќ, а Републичката изборна комисија (РИК) во понеделникот потврди дека СНС освоила 46,84 отсто од гласовите. Опозициската коалиција на левиот центар „Србија против насилството“ (СПН) освои 23,38 отсто. На паралелните избори за власта во Белград, СНС има околу 38 отсто, а СПН околу 35 отсто од гласовите.
Опозициската коалиција, која повика на протести, тврди дека волјата на граѓаните е украдена со бројни злоупотреби, пред сѐ, во главниот град. Коментираа и некои од меѓународните набљудувачи, оценувајќи дека предизборната кампања, иако тој не беше кандидат, се карактеризирала со доминација на Вучиќ, која заедно со наводно „нелојалната конкуренција, пристрасните медиуми, носењето гласачи од Република Српска, миграцијата на гласачите и многу други нерегуларности“ придонела за „нерамноправни изборни услови“.
Вучиќ денеска во директно телевизиско обраќање до јавноста изјави дека „изборите поминаа мирно“ и беа „најмирните во поновата историја на Србија“, како и дека е „многу горд на тој факт“. Поминаа, додаде тој, „без речиси ниту еден физички инцидент“, само еден во текот на предизборната кампања кога беа нападнати набљудувачите на невладината организација Црта, а „немаше ниту еден“ во текот на кампањата и на изборниот ден.
За забелешките од некои од меѓународните набљудувачи, тој рече дека тие се „најинтересните“, бидејќи тврдат дека „виделе многу неправилности на социјалните мрежи“. Притоа Вучиќ обвини некои набљудувачи од Австрија дека „ги краделе изборите во нивната партија“, а дошле да ги следат „демократските избори во Србија“.
Ја нарече опозицијата „лажговци“ и рече дека ја обвинуваат владејачката партија затоа што „не се способни“ да ја победат. Илустрирајќи ја политичката надмоќ, Вучиќ тврди дека, доколку имало претседателски избори, ќе добиел 63 до 64 отсто од гласовите.
Побара од седумтемина претставници на опозицијата, кои велат дека штрајкуваат со глад барајќи поништување на изборите во Белград, „да се вратат на обврските“. Викендов на нивите барања, засега не толку истакнато, се споменува и целосно повторување на изборите во Србија.
„Нема да има насилна промена на власта, власта во Србија се менува на избори и така ќе биде секогаш, не само денеска“, порача Вучиќ. Некои (избори), додаде, „ќе ги имате за пет или шест месеци, а некои за четири години“.
Изборите во Белград би можеле да се повторат и доколку СНС и коалиционите партнери не обезбедат мнозинство советници, бидејќи листата на контроверзниот но влијателен лекар Бранимир Несторовиќ, која може да биде одлучувачка за формирање на владата во главниот град, најави дека нема да коалицира ниту со опозицијата, ниту со СНС. Несторовиќ во саботата пред новинарите изјави дека до кандидатите за советници од неговата листа веќе почнале да пристигнуваат „шестцифрени понуди, и тоа не во динари“ за смена на страната.
„Ако нема мнозинство во градот – ќе има нови избори и крај на приказната“, коментираше денеска Вучиќ.
Тој тврди дека парламентарните избори нема да се одржат дури до редовниот термин 2027 година, бидејќи „треба целосно да се посветиме на големите цели во напредокот и растот на земјата“ кои треба да го следат чекорот „со најразвиените земји во светот“.
Вучиќ најави бројни инфраструктурни проекти – изградба на железници, автопати и експресни патишта, станици за полнење на електрични автомобили на клучните коридори низ Србија…
Најави и зголемување на платите во јавниот сектор за 10 отсто од 1. јануари, а на пензиите за 14,8 отсто, нагласувајќи дека Србија има „стабилни јавни финансии“, рекордни девизни резерви и ниво на јавен долг што „никогаш нема да надмине 52,5 проценти од БДП“.
Српскиот претседател во неделата изјави и дека на Ана Брнабиќ ѝ е „тешко“ повторно да биде премиер на Србија, но најави и дека ќе извршува „значајни функции во иднина“, пренесе агенцијата Бета.
Вучиќ им го честиташе на сите граѓани кои го слават Божик според Грегоријанскиот календар и им посака среќни празници.