Регион Стратешки форум

Вучевиќ: Србија останува на европскиот пат, тоа е нашата главна политичка цел

Вучевиќ изјави и дека „големото прашање“ за луѓето од Западен Балкан е дали нивните очекувања во однос на проширувањето на ЕУ се исти како оние на Брисел.

Вучевиќ: Србија останува на европскиот пат, тоа е нашата главна политичка цел

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ денеска во Блед изјави дека Србија нема план Б кога е во прашање патот кон ЕУ, дека тоа е нешто што е геостратешка дефиниција и главна политичка цел на Србија во последните 20 години и рече дека Србија останува на европскиот пат, јави дописникот на МИА од Белград.

-Тоа е нешто што не сме го промениле и не сакаме да го менуваме, изјави Вучевиќ на панелот на лидерите на Влади на 19. Стратешки форум во Блед (БСФ), кој се одржува под слоганот „Свет на паралелни реалности“.

Вучевиќ кој учествуваше на панелот со премиерите на Хрватска, Словенија и Албанија, Андреј Пленковиќ, Роберт Голоб и Еди Рама, рече и дека „не е фер“ земјите од Западен Балкан да бидат во втор план во процесот на проширување на ЕУ поради нов геополитички момент каков што е војната во Украина.

-Немаме проблем да ги видиме Украина, Грузија и Молдавија на патот кон ЕУ, но не е фер кон земјите од Западен Балкан да бидат во ќош. Го разбираме односот кон тие три земји, но исто така треба да да се земат предвид и нашите напори од Западен Балкан, рече тој.

Вучевиќ изјави и дека „големото прашање“ за луѓето од Западен Балкан е дали нивните очекувања во однос на проширувањето на ЕУ се исти како оние на Брисел.

-Би сакал да не биде така, да имаме иста цел и проширувањето да се случи во наредниот период. Не можам да кажам дали е тоа 2030 или некоја друга година, бидејќи претходно добивме бројни датуми и проширувањето не се случи. Претседателката Урсула фон дер Лајен од Европската комисија денеска јасно рече дека следната Комисија ќе биде целосно посветена на процесот на проширување, што е добра вест за Западен Балкан, додаде тој.

Запрашан да го коментира балансирањето на Србија меѓу ЕУ и Русија, Вучевиќ рече дека Србија ништо не крие, дека е суверена и независна земја чија цел е да стане членка на ЕУ и дека дотогаш „има право да ги заштити своите национални и државни интереси на начин што го смета за најдобар“.

-Ние не правиме ништо зад сцената. Имаме поинакво мислење за санкциите (Русија) затоа што бевме под санкции во 1990-тите, многу страдавме и не веруваме во таа политика бидејќи таа најмногу ги погодува обичните луѓе а не режимот. Јас лично не го гледам целосниот резултат од санкциите. Србија го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, која е наш многу близок пријател. Украинците се наши словенски браќа, како и Русите, Украина не го призна Косово, изјави премиерот на Србија.  (МИА)

To top