Во Албанија денеска почна имплементацијата на законот за кривична амнестија, со која корист имаат 1200 осудени лица, од кои 800 ќе бидат веднаш ослободени, додека 400 ќе имаат намалена казна.
Со амнестијата се опфатени и 2700 лица, условно казнети и оние кои се во судска постапка за полесни дела кои не предвидуваат казна затвор повисока од две години.
Нема да бидат опфатени осудените за кривични дела, почнувајќи од злосторства против човештвото, кривични дела против животот, злосторства против државата како што се корупција, тероризам и многу, многу категории на кривични дела.
Од затворот во Рогожина, кој има најголем број опфатени со амнестијата, министерот за правда Улси Мања повторно појасни дека ниту еден висок функционер, осуден од Специјалниот суд против организиран криминал и корупција, за што обвинува дел од опозицијата, нема корист од овој закон.
– Ниту еден висок функционер кој во моментов е на издржување казна нема да има корист од оваа амнестија. Со амнестијата во државниот буџет се заштедуваат 30 милиони евра годишно, рече Мања.
Со ова, покрај другото, рече дека ќе се овозможи оптимизација на капацитетите во затворите, најавувајќи дека овој процес ќе продолжи.
-Имаме 5.818 лица кои моментално се во затворските институции. Од нив 3158 се во притвор, 2204 се осудени, а 458 се под лекарска мерка од судот. Нашата земја не само во регионот, туку во Европа, има најголем број на осудени на доживотен затвор, посочи Мања.
Во Албанија последната амнестија беше онаа од 2020 година, кога беа опфатени 170 осуденици.