Невообичаено остра реторика употреби американскиот претседател Доналд Трамп во интервјуто дадено за „Политико“, во кое меѓу другото се осврна и на актуелното европско водство, кое го опиша како слабо и безидејно. „Политико“ во вторникот го именуваше Трамп за највлијателна фигура што ја обликува европската политика во годината што претстои, признание претходно доделено на лидери меѓу кои се украинскиот претседател Володимир Зеленски, италијанската премиерка Џорџа Мелони и унгарскиот премиер Виктор Орбан, анализира Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Нападот врз европското политичко раководство претставува најжестока осуда на претседателот досега на овие западни демократии, заканувајќи се со решителен прекин со земји како Франција и Германија, кои веќе имаат длабоко затегнати односи со администрацијата на Трамп.
Американскиот претседател во интервјуто за „Политико“ изнесе можеби најостри ставови кон европските партнери и генерално кон Европската Унија, со оценка дека Европа е распаѓачка група на нации предводени од слаби луѓе, кои не знаат што прават.
– Мислам дека се слаби… Но исто така мислам дека сакаат да бидат политички коректни… Мислам дека не знаат што да прават, Европа не знае што да прави – рече Трамп за политичките лидери на Европа и нивните позиции во однос на мировното решение за Украина, за миграциските политики и НАТО.
Тој уште најави дека ќе поддржи кандидати на европските избори што се на иста линија со него за прашања поврзани со миграцијата.
Некои од европските аналитичари се изненадени од остриот тон на американскиот претседател во интервјуто, но констатираат дека порано или подоцна некој мораше јасно да го каже тоа.
– Точно е дека настапот на Трамп е директно мешање во внатрешните работи на Европа, но исто така е точно дека Европа сама придонесе за тоа. Имено, еве веќе четири години трае битката за нов европски лидер по политичкото пензионирање на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Никој во Европа не гледа лидери во Макрон и Мерц, а во нив не веруваат ниту нивните граѓани.
Кога нема вистинско лидерство, се виде каде одат работите. Сите мислеа дека Америка ќе биде вечно тука и дека таа ќе ги средува состојбите во Европа. Да имаше лидерски капацитет во ЕУ, сигурно немаше да се случи војната во Украина, бидејќи цехот на таа војна, покрај украинските граѓани, го плаќа и европската економија, која тоне сѐ подлабоко. Лошите миграциски политики уште повеќе ја влошија состојбата во европските земји. Затоа земјите членки гласаат за лидери што ги штитат интересите на сопствените земји, нема тука европска солидарност, а Трамп отворено најавува дека ќе поддржува такви процеси и во иднина. Ова е можеби последна можност да надвладее разумот во Европа, да им се даде доверба на луѓе на кои им веруваат мнозинството Европејци и тие да почнат да ги исправаат работите. Европа мора да изгради сопствен идентитет, ослободен од чија било зависност, да се врати на принципите врз кои беше започнат проектот за обединета Европа. Оваа моментална бриселска елита нема капацитет за такво нешто, ги гледа само своите тесни интереси наместо глобалната европска идеја. Сите тие ќе ја добијат пораката на народот на следните избори по година-две, но штетата што продолжуваат да ја прават додека уште владеат ќе биде ненадоместлива – сметаат аналитичарите.
Како нам ни се одрази дефицитот на вистинско европско/бриселско лидерство и визија
Доверба не се гради со квазиевропски лидери
Дефицитот на вистинско европско лидерство се одразува сериозно и врз процесот на проширување на Европската Унија, кој наместо процес базиран на исполнување на Копенхашките критериуми, се претвори во политички процес во кој напред оди оној што доследно ќе ги исполнува барањата на тесната бриселска елита и на земјите членки.
Македонските граѓани одамна го препознаа тоа и затоа повеќе не веруваат во изјавите од типот „уште само ова“ што доаѓаат од актуелните европски челници, кои ги сметаат за обични празни ветувања.
Можеби тука треба да се бараат причините за големиот процент на македонски граѓани што се противат на новите условувања од страна на Брисел, поучени од искуството дека кога големите европски лидери своевремено не си останаа на дадениот збор, тогаш апсурдно е да се очекува актуелните епизодни европски политичари да направат нешто повеќе.
„Нова Македонија“ во повеќе наврати претходно потенцираше за дефицитарноста на лидери по пензионирањето на Ангела Меркел, а обидите на актуелната италијанска премиерка Џорџа Мелони да се наметне како нов европски лидер по фијаското што го доживеаја Макрон и Мерц, веќе однапред се минирани од некои европски центри на моќ.
Како и да е, тие дворски игри внатре во Европа се рефлектираат и врз сите други процеси, вклучително и врз оној на проширувањето, создавајќи висока доза недоверба кај земјите кандидати.
– Сето ова што се случува во ЕУ директно се одразува и врз нас. Никој веќе нема верба дека ЕУ може да направи нешто за да ја отстрани непринципиелната бугарска блокада. Нема инвентивност, нема акција, туку се раскажуваат приказни од типот „топката е во вашиот двор“ и слично. Ако еден Ширак, Кол, Тачер и слични лидери зборуваа за топки по туѓи дворови, тогаш Европа одамна ќе ја немаше. Но тие луѓе предводеа, носеа одлуки, стоеја на зборот, работеа на европските интереси. Тоа е лидерство. Затоа Европа тогаш беше ценета. Сега ситуацијата е дијаметрално спротивна. На сцената се политички манипуланти, луѓе што се на функција и што отворено ги лажат европските граѓани со лажни анкети, манипулираат со информациите, едноставно не влеваат доверба. Па Британија излезе од ЕУ врз основа на лажни информации што беа лиферувани до британските граѓани од луѓе што и денеска се во политиката. За што говориме тогаш? Со кого тогаш Македонија ќе разговара во Брисел? Кому ние ќе му нудиме идеи, решенија или, пак, од кого ќе бараме гаранции? И како да влеземе во процес на уставни измени кога единствено нешто што е извесно е неизвесноста што нѐ чека на европскиот пат? Затоа се потребни лидери, луѓе од збор, со јасна визија што сакаат и што знаат како да го направат тоа. Кога една Меркел и Макрон не си останаа на дадениот збор кога бараа од нас да го промениме името, тогаш е апсурдно да се верува дека некој од актуелните европски политичари може воопшто и да даде збор за нешто. Затоа нивните изјави се обични фрази и флоскули, немаат никаква тежина, а народот е мудар и повеќе не наседнува на празни ветувања – заклучуваат аналитичарите.
Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА
