Косовскиот Парламент денеска повторно ќе расправа за ратификација на неколку договори по неколкунеделното одбивање на опозицијата да гласа за нив, пренесе Бета.
Можноста за ратификација на договорот вчера ја навести кандидатот за премиер на Косово од Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, додека пратениците на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) претходно најавија подготвеност да гласаат за тие договори.
Промената на ставот на ДПК да гласа за договорите доаѓа по средбата на лидерот на партијата Мемљи Красниќи со косовскиот премиер Албин Курти во понеделникот.
Се очекува да биде ратификуван договорот меѓу Косово и Данска за користење на казнено-поправниот дом во Гњилане за извршување казни за осудените во Данска и договорот меѓу Косово и Европската унија за учество на Косово во програмата за единствен пазар.
Се очекува и ратификација на договорот за финансирање меѓу Косово и Меѓународната асоцијација за развој за „Проектот за зајакнување на дигиталното управување за испорака на услуги“, договорот за социјално осигурување со Холандија и договорот со Владата на Швајцарија за проектот „Клима одржливост во секторот за води во Косово“.
На дневен ред е и ратификацијата на договорот за финансирање меѓу Косовската енергетска корпорација (КЕК) и Германската банка за развој (KFW) за програмата за соларна енергија, договорот за учество на Косово во програмата на Европската унија „Дигитална Европа за периодот 2021 г. -2027“ и договорот за учество на Косово во програмата „Граѓани на ЕУ, еднаквост, права и вредности“.
Пратениците треба да ги ратификуваат и измените на финансискиот договор со програмата на ЕУ „ИПА 2015“, договорот за кофинансирање на проектот за изградба на тунел на патот Тетово-Призрен. (МИА)