Регион МАНУ

Попов: Актуелниот притисок за формирање моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован

Она што е карактеристично за нашата мултиетничка академија, рече претседателот на МАНУ,  „е фактот дека во неа кандидатите за членство и академиците никогаш не се прашувале да се изјаснат за нивната етничка припадност и имало дури периоди кога академиците Македонци не биле мнозинство во институцијата“.

Попов: Актуелниот притисок за формирање моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован

На одбележувањето на Денот на МАНУ односно 57-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите, нејзиниот претседател, академик Живко Попов, денеска се осврна на иницијативата за основање албанска академија на науките во земјава и на Законот за употреба на јазиците кој е предмет на дискусија во јавноста и е на разгледување во Уставниот суд.

-Во Македонија, како и во сите унитарни земји од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии, па оттука актуелниот притисок за формирање на моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован. Но, согласно практиката во други држави, може да се формираат научно-уметнички друштва како граѓански здруженија, или академии во рамките на професионалните асоцијации од одредени области, рече Попов во обраќањето.

Во однос на зачленувањето во МАНУ, посочи дека има „јасно утврдени квалитативни и квантитативни универзално признати критериуми за оценување на потенцијалните кандидати за членство во МАНУ“ и дека Академијата „секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, без оглед на нивната етничка, верска и каква било друга припадност“.

-За политичките партии и за нивните влијанија никогаш немало место во Академијата, зашто таа се води единствено по принципите на мериторност и препознатливост како универзални вредности на дострелите и творбите во научната и уметничката сфера. Друг пристап во критериумите за вреднување на индивидуалниот труд и достигнување, во аналите на МАНУ, досега не е познат, истакна Попов, додавајќи дека од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но и на други етнички заедници.

Она што е карактеристично за нашата мултиетничка академија, рече претседателот на МАНУ,  „е фактот дека во неа кандидатите за членство и академиците никогаш не се прашувале да се изјаснат за нивната етничка припадност и имало дури периоди кога академиците Македонци не биле мнозинство во институцијата“.

Попов смета дека „се неосновани и ставовите од поедини политички и интелектуални кругови“ дека професорите и интелектуалците од албанската етничка припадност нема каде да вршат научни истражувања, затоа што тоа, како што рече, може да го прават на трите државни универзитети каде наставата се одвива и на албански јазик. Пред се на државниот научен Институт за зачувување на духовното и културно наследство на Албанците во Скопје, за кој посочи дека има сопствен буџет и околу сто вработени, исто како и во МАНУ.

-Впрочем и членовите на МАНУ поголемиот дел од истражувањата ги прават на УКИМ и другите државни универзитети и научни институти, а не само во самата академија. Овие факти јасно укажуваат дека во академиските редови нема место за политикантство и за манипулација, рече академикот.

Во однос на употреба на јазиците во науката, рече дека таа „нема и не признава етнички предзнак“, а за Законот за употреба на јазиците на сите етнички заедници во државава смета дека треба да се доуреди и допрецизира.

-Никој во Академијата, вклучувајќи ме и мене, не смета дека употребата на албанскиот и на јазиците на останатите немнозински заедници во државата, како придобивка од Охридскиот рамковен договор и уставна категорија треба да се укине, туку напротив, таа треба во законското решение да се доуреди и допрецизира во одредени области, со цел да се подобри нејзината применливост. Тоа особено се однесува на функционирањето на правосудниот систем, работата на полицијата, армијата, потоа на здравствениот систем и друго, каде со оглед на деликатноста и одговорноста на она што е предмет на работа, нужна е употребата на еден општ јазик за разбирање, рече Попов.

Смета дека перманентното преведување и пишување разни извештаи, оперативни планови и протоколи на два или повеќе јазика со судски превод, значително ќе го оптовари професионалното работење и ќе ги зголеми финансиските трошоци во овие и други, како што рече, „сензибилни области на општественото живеење“.

-За сето ова да се избегне ќе биде потребно усогласување и допрецизирање на законското решение во однос на овие и други работи и вградување на сугестиите и барањата на Венецијанската комисија, чијшто филтер треба да го помине. Тоа, впрочем, е и наша обврска како држава, не само во однос на овој, но и на други закони на кои ќе наидеме на патот на нашето членство во Европската Унија, рече претседателот ан МАНУ.  (МИА)

To top