Поголемиот број земји-членки на Европска Унија се залагаат за укинување на рестриктивните мерки за Косово, објави Радио Слободна Европа (РСЕ) повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.
Единствена разлика помеѓу земјите-членки, како што наведува РСЕ, е дали да се укинат мерките постепено или веднаш.
Група земји, меѓу кои Германија, Италија и Франција, го поддржале постепеното укинување на мерките против Косово, доколку властите во Приштина продолжат да покажуваат напори за деескалација на ситуацијата, додека останатите земји се за итно суспендирање на мерките.
На вчерашниот состанок на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ се дебатираше за укинување на мерките за Косово, а извештај поднесе и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак. Дел од амбасадорите посочиле дека сакаат поизбалансиран став на ЕУ кон Косово и Србија.
Амбасадорите побараа од високиот претставник на ЕУ, Жозеп Боре да подготви извештај до Советот на ЕУ за напредокот на Косово во спроведувањето на постоечките барања на ЕУ. По извештајот повторно ќе се дебатира за евентуалното укинување на мерките за Косово. (МИА)