Согласно одлуката на Уставниот суд хрватскиот претседател Зоран Милановиќ не може да стане премиер, дури и да обезбеди доволна поддршка од помалите партии, а доколку и стане премиер тоа потенцијално би отворило простор за посилно проруско влијание во земјата, наведуваат странските медиуми.
Американски Асошиетед прес наведува дека „Уставниот суд утврдува дека со своите изјави и однесување претседателот на Републиката, а без претходно да се усогласи со предупредувањето од 18 март 2024 година да поднесе оставка од функцијата претседател на Републиката, се ставил во ситуација да не може да биде мандатар за состав на идната влада или премиер“.
АП продолжува дека „пресметката меѓу двајцата хрватски политичари доминираше на изборите, кои исто така се сметаат за тест пред изборите за Европскиот парламент во јуни“.
„Милановиќ ја критикува политиката на ЕУ за војната во Украина. Ако тој формира влада, тоа потенцијално може да отвори простор за посилно проруско влијание во земјата, како во Унгарија и Словачка“, додава АП.
„Коалицијата предводена од опозициската Социјалдемократска партија (СДП) на Милановиќ се најде на второто место со освоени 42 пратенички места. Резултатите покажуваат дека е малку веројатно Милановиќ да стане шеф на владата, но според судската одлука од петок, тој нема да биде може да го стори тоа дури и ако успее да најде доволна поддршка од помалите партии“, пишува Ројтерс.
АФП објави дека судиите претходно ги повикале Милановиќ и СДП да престанат да дејствуваат спротивно на Уставот, а „претседателот да поднесе оставка доколку сака самиот да се фрли во изборната арена“.
Словенечката СТА ја пренесува изјавата на претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, дека Милановиќ „навреме бил предупреден и требало веднаш да си поднесе оставка“ и дека „самиот ја затворил вратата да биде мандатар“.
Српската новинска агенција Бета објави дека „опозициските партии силно ја критикувале одлуката на Уставниот суд на Хрватска дека претседателот Зоран Милановиќ не може да биде мандатар за формирање нова влада, со оценка дека судот застанал на страната на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ)“.
Бета ја објави реакцијата на професорот на Правниот факултет, Ведран Ѓулабиќ, кој на Х напиша дека Уставниот суд „денеска повторно узурпира овластувања што не му припаѓаат“, како и изјавата на Сања Бариќ, уставна експертка и раководител на Катедрата по уставно право на Правниот факултет во Риека. „Не е важно што вели Сања Бариќ или кој било друг. Тоа го кажа Уставниот суд. И толку. Тоа е уставно-правен поредок, тоа е владеење на правото и само треба да се држиме до него“, рече Бариќ. (МИА)