Одбраната на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска поднесе жалба до Судот на БиХ, кој одби да го префрли процесот на надлежниот суд во Бања Лука, изјави Горан Бубиќ, бранителот на претседателот на Република Српска.
Бубиќ појасни дека жалбата содржи и процесен приговор, кој меѓу другото се однесува и на навременоста на предлогот.
„Истакнавме четири групи изјави кои влијаат на независноста и непристрасноста на Судот на Босна и Херцеговина“, рече Бубиќ и додаде дека една од приговорите се однесува на навременоста на предлогот.
„Сметаме дека главниот претрес воопшто не е закажан, се повикавме на пракса. Барањето е навремено доколку е поднесено пред почетокот на главниот претрес, а законот го дефинира почетокот на главниот претрес со читање на обвинителниот акт“, прецизира Бубиќ.
Паралелно со жалбата беше поднесен уште еден предлог за делегирање на надлежност, но од различни причини во однос на оние од сегашните предлози.
„Сегашниот предлог се однесува на изјавите на Кристијан Шмит, изјавите на амбасадорите на САД и Велика Британија, а тие три изјави се однесуваат на мешање во независноста на Судот. Четвртата изјава е изјавата на претседателот на Судот на Босна и Херцеговина кој се изјаснуваше негативно за претседателот на Република Српска“, истакна Бубиќ, пренесе РТРС.
Рочиштето за случајот против Додик и вршителот на должноста директор на „Службен весник“ Милош Лукиќ беше одложено на 6 декември пред Судот на Босна и Херцеговина, откако беше одбиено барањето на бранителот овој предмет да се префрли во Бања Лука.
Додик и Лукиќ, обвинети за непочитување на одлуките на Кристијан Шмит, на 16 октомври на рочиштето во Судот на Босна и Херцеговина изјавија дека не го разбираат обвинението, по што беше констатирано дека обвинетите се изјасниле за невини. (МИА)