Во текот на летото, односно од почетокот на сезоната во јули заклучно со вчера во Грција се потврдени вкупно 180 случаи на вирусот Западен Нил, а починаа 27 лица, на возраст меѓу 61 и 93 години, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатата седмица биле регистрирани 18 нови случаи и починале две лица.
Како што соопштија од ЕОДИ, во анализите не се опфатени дополнителни четири увезени случаи, три од Албанија и еден од Австрија, односно инфекција кај пациенти изложени во друга земја, а постојат и уште два случаи кај лица кои патувале во странство и се чекаат резултатите во однос на тоа дали се домашни или увезени инфекции.
Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е речиси во цела Грција, односно во девет од вкупно 13 периферии, а потврдени случаи има во северниот, североисточниот, западниот и централниот дел на земјата, во Епир и Јонските острови, на Пелопонез, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Вирусот во земјата е присутен во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.
Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51.
Лани, во Грција биле регистрирани 162 случаи, а од Западен Нил починале 23 лица.
Првиот случај за годинава на заразен со вирусот Западен Нил во Грција беше регистриран на почетокот на јули. (МИА)