Вишото јавно обвинителство во Нови Сад најави дека во согласност со неговата надлежност утврдена со закон, ќе ги преземе сите дејствија и ќе ги изврши потребните проверки во врска со сите поднесени кривични пријави поврзани со локалните избори на 2 јуни, јави дописникот на МИА од Белград.
-Вишото јавно обвинителство во Нови Сад и Основното јавно обвинителство во Нови Сад, во соработка со Полициското одделение во Нови Сад, итно ќе реагираат на секаков облик на насилство и нарушување на јавниот ред и мир и ќе ги преземат сите мерки за идентификација и гонење, се наведува во соопштението.
Министерството за внатрешни работи на Србија претходно соопшти дека за време на изборите досега немало сериозни инциденти, освен нападите врз полицијата и оштетување на имотот на Новосадскиот саем.
Граѓани и опозициски активисти и функционери денеска околу 14 часот влегоа во зградата на Новосадскиот саем каде дојде до вербален конфликт со обезбедувањето на зградата, при што мораше да интервенира и полицијата.
Српската напредна партија (СНС) тврди дека во просториите на Новосадскиот саем се наоѓа нивниот кол-центар, и да приврзаниците на опозицијата при нивното насилно влегување, ја скршиле вратата.
Борислав Новаковиќ, носителот на листата „Обединети за слободен Нови Сад“, за медиумите изјави дека во тој кол-центар на СНС се вршени незаконски активности.
Опозицијата во Нови Сад наведува и дека се работи за злоупотреба на јавните ресурси, како и дека СНС има паралелни избирачки списоци.
Исто така, порталот Данас објави дека нивниот новинар Угљеша Бокиќ бил удрен од непознато лице пред Новосадскиот саем, а агенцијата Бета наведува дека кон новинарите, опозициските активисти и граѓаните бил фрлен солзавец. (МИА)