Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утрово е малку подобра состојбата на министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, кој вчера беше примен во болница со тешко воспаление на белите дробови и е во тешка здравствена состојба, интубиран и на респиратор.
Вучиќ го посети Дачиќ утрово пред да замине за Казахстан, а на Инстаграм од авионот напиша дека лекарите велат дека на Дачиќ му е нешто подобро и оти верува во него.
– Го посетив Ивица утрово и Дачиќ е подобро, тоа е добра вест, секако претпазливост е и понатаму неопходна и ништо не е извесно, но подобро е, на радост на неговото семејство и на сите луѓе кои го сакаат – рече Вучиќ во говорната порака објавена преку Инстаграм.
Потпретседателот на Владата на Србија и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија при Клиничкиот центар на Србија поради тешко воспаление на белите дробови. Помошник-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, синоќа за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и оти Дачиќ има тешка пневмонија и дека претстојните 72 часа ќе бидат клучни.
– Моментално е на механичка вентилација – респиратор, го добива сето она што е потребно, сите лекови, терапијата. Со тој респиратор, кој е начин на лекување, ние купуваме време кое е потребно за тие лекови да делуваат и се бориме за неговиот живот – рече Попевиќ. Тој прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот и додаде дека не може да дава никакви прогнози.