Регион

На Крит ќе се отворат привремени центри за прием и регистрација на мигранти

На Крит ќе се отворат привремени центри за прием и регистрација на мигранти

Отворање на два привремени центри за прием и регистрација на мигранти на грчкиот остров Крит најави министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис, одговарајќи на пратеничко прашање во Парламентот во однос на мигрантските бранови на јужната рута, јави дописничката на МИА од Атина.

Плеврис посочи дека овој период, кога поради временските услови нема пристигнувања на голем број мигранти, ќе го искористат во пресрет на пролетта, за да постојат два подготвени простори еден во Ханиа еден во Ираклио на Крит, за како што рече, „островот да може да ја поддржи и постапката на регистрација, со крајна цел, да постои и постојан центар на островот, бидејќи доколку овие текови останат на овие нивоа, автоматски се создава таа потреба“.

Во однос на мигрантските бранови, објасни дека во 2024 година пристигнале 62.068 лица, а минатата година заврши со 48.298, односно со над 13.000 помалку пристигнувања, додека пак само на Крит од 4.820 нелегални пристигнувања во 2024 година, лани имало околу 15.000 повеќе, односно 19.799.

– Додека во 2024 година 78 отсто од брановите беа во Егејското море и само 8 проценти на Крит, сега имаме 44 отсто од Егејот и 40 проценти од Крит. Значи, Крит веќе станува главна влезна точка на мигрантските бранови. Во тоа, секако, мора да го кажеме тоа, придонесе и фактот што постои многу подобра соработка со турската крајбрежна служба и веќе има соработка која драстично ги намали брановите, имајќи предвид и дека веќе немаме големи бранови од Сирија. Од Авганистан и понатаму постојат, но од Сирија нема, а се отвори Судан, каде што излезниот пат, секако, е преку Либија, посочи Плеврис.

За начинот на кој планираат да управуваат со ова прашање објасни дека важна е соработката со либиските власти, што досега донело резултат, но како што рече за жал, брановите во Грција се од Источна, а не од Западна Либија, а со Источна Либија или не постои соработка или е многу ограничена.

Додаде дека дополнителниот пристап што ќе го применат е фокусирање на намалување на брановите со лица кои немаат право на азил, односно државјани на Египет, Бангладеш и Пакистан.

-Веднаш штом пристигнат, тие автоматски ќе бидат ставени во режим на притвор со цел нивното барање за азил веднаш да се разгледува, да се одбие и да се постигне нивно враќање. Во оваа насока во консултација сме со овие држави да соработуваат уште повеќе во делот на враќањата. Тие прифаќаат враќања, но пристигнувањата се побројни од враќањата. Значи, сакаме да испратиме јасна порака до оние кои воопшто немаат бегалски профил, дека ќе бидат во административен притвор, во многу краток временски рок ќе им се разгледа барањето за азил и доколку биде одбиен, ќе следи постапка за нивно враќање, нагласи министерот за миграција и азил на Грција.

To top