Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, по одлуката на Уставниот суд со која му се забранува да биде мандатар или евентуално нов премиер на Хрватска, денеска изјави дека мора да се почитува волјата на мнозинството од гласачкото тело во Хрватска и посочи дека одлуката на судот е „подготовка за државен удар“.
-Би сакал да ги смирам граѓаните кои се гневни. Ова е тоа што денеска Уставниот суд може да го каже, но ништо не може да стори. Изборите се одржани, волјата на граѓаните ќе одредува што понатаму, а не уставните судии. Не можат ништо да сторат. Мнозинството може за мандатар да го определи било кого, порача Милановиќ на попладневната прес конференција.
Тој додаде дека „не постои правен лек“ против волјата на граѓаните.
-Ова е подготовка за државен удар. Ова се подготовки за утре кумот на корупцијата, Пленковиќ, да каже дека има одлука од Уставниот суд. Таа приказна дека Уставот е над хрватскиот народ, тоа може да биде смислен од чуден ум, не плашете се, ова е само подготовка на Уставниот суд за Пленковиќ да го одбие Саборот, рече претседателот.
Тој додаде дека „за него имплицитно гласале многу луѓе “.
-Не станува збор за мене, ова е само приказ на паничниот страв на Пленковиќ. Нема потреба да бидам мандатар. Очекував малку повеќе гласови. Мнозинството гласаше за промени, тоа треба да се почитува. Кој ќе биде мандатар ќе одлучи парламентарното мнозинство. Ова нема да мине, рече хрватскиот претседател.
Уставниот суд на Хрватска претходно денеска одлучи дека Милановиќ како претседател на државата и „поради неговите изјави и однесување“ не може да биде мандатар за состав на идната влада.
Претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, изјави дека Милановиќ, за разлика од Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП), го прекршил предупредувањето на Уставниот суд од 18 март и повторил дека водел кампања како иден премиер.
Со ваквите изјави и постапки Милановиќ се стави во позиција на учесник на парламентарните избори, што не може да биде, според неговата уставна позиција, додека е претседател на Хрватска, заклучи Уставниот суд.
Милановиќ, како што беше посочено, не може да биде мандатар, ниту премиер, дури и да поднесе оставка од претседателската функција.
За одлуката гласаа девет судии, тројца беа против, а еден член на Уставниот суд отсуствуваше. (МИА)