Регион

Мицотакис: Грција нема да испрати во Украина системи С-300, ниту „Патриот“

Мицотакис откри дека било побарано од Грција, но објасниле зошто не можат да го сторат тоа.

Мицотакис: Грција нема да испрати во Украина системи С-300, ниту „Патриот“

Грција нема шанси да испрати во Украина ниту С-300 ниту „Патриот“, тие се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата „Скај“, демантирајќи ги написите во медиумите дека Атина ќе му помогне на Киев со противвоздушни ракетни системи, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис откри дека било побарано од Грција, но објасниле зошто не можат да го сторат тоа.

-Грција ја поддржа Украина на различни начини со одбранбен материјал. Но, од првиот момент рековме дека не можеме да ги отстапиме оружените системи кои се клучни за нашата способност за одвраќање. Имавме вишок материјал со кој можеме да ја поддржиме Украина и го направивме тоа и сметам дека тоа е правилно. До степен до кој можеме да најдеме таков материјал, ќе продолжиме да го правиме тоа. Сепак, системите за противвоздушна одбрана се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор и нема да и бидат доделени на Украина, објасни Мицотакис.

За односите со Турција и во пресрет на средбата со турскиот претседател во Анкара на 13 мај, грчкиот премиер рече дека целта на посетата е да се направи „чекор напред во грчко-турскиот пристап, кој даде некои важни мерливи резултати“.

Како пример спомена дека над 12 месеци нема прекрушувања на грчкиот воздушен простор, но и дека постои екстремно намалување на мигрантските бранови.

Истакна дека иако постојат различни ставови за одредени прашања, „тоа не значи дека нема да разговараме, дека нема да го препознаеме подобрувањето на односите и дека нема секогаш да се трудиме да ги градиме позитивните работи, наместо да се фокусираме само на негативните и нашите несогласувања“.

Во однос на европските избори на 9 јуни, рече дека другите партии „сакаат да ги сведат на референдум против Владата“, истакна дека го прифаќаат овој предизвик и политичката порака од евроизборите треба да биде „стабилност, сигурност и континуитет“.

Дополнително посочи дека не станува збор за национални избори на кои се одбира влада и мерката за споредба, според него, треба да бидат претходните европски избори.

Нова демократија на евроизборите во 2019 година освои 33,12 отсто од гласовите, додека пак на ланските парламентарни избори победи со 40, 56 проценти.

To top