Со чувство на одговорност соопштувам дека предлогот на Нова демократија за следниот претседател на државата ќе биде Константинос Тасулас, актуелниот претседател на Парламентот и трет во политичката хиерархија на државата, соопшти претпладнево грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во ТВ порака до граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека претседателот на државата „треба да има висок авторитет, да биде широко прифатен, и секако да има искуство, знаење и почит кон институциите“, но и дека шефот на државата иако има ограничени извршни овластувања, „тој е симбол на нацијата“.
Владиниот кандидат за претседател на Грција, 65-годишниот Тасулас беше избран за претседател на Парламентот во 2019 година за време на првиот мандат на Владата на Нова демократија, со рекордни 283 гласа од 300 пратеници, беше реизбран во мај 2023 година со 270 и за време на вториот мандат во јуни 2023 година со 249 гласа, од каде што, според Мицотакис произлегува и широката прифатеност на нивниот кандидат за претседател.
Грчкиот премиер рече дека Тасулас има искуство и како градоначалник и како министер, но и како пратеник веќе 25 години и посочи дека има „длабоко познавање на грчката историја, вистински патриотизам и чесен карактер, со социјална чувствителност и вистинска едноставност и скромност“.
– Ги повикувам сите партии во Парламентот да ја оценат кандидатурата на Костас Тасулас низ една единствена призма: онаа на авторитетот и искуството, знаењето, но и карактерот, за да биде избран. И ако непристрасниот одговор на овие критериуми е потврден, барам да го поддржат. Тоа ќе биде избор на единство и перспектива за Грција, порача Мицотакис.
Дополнително, објасни дека за неговата одлука веќе ја информирал актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу, која не доби можност за втор мандат, а Мицотакис објасни дека оценил дека „во следниот период и во турбулентната меѓународна средина, на земјата ѝ е потребен претседател со долга кариера во јавниот живот и со јасни политички карактеристики“.
– Во секој случај, Катерина Сакеларопулу остава позитивен белег во историјата на земјата. Како премиер и како обичен граѓанин, ја почитувам и сакам од срце да ѝ се заблагодарам, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер денеска требаше да се сретне со актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу, како што соопштија вчера од нивните кабинети, меѓутоа еден час пред средбата, од Премиерската палата информираа дека оваа средба се одложува за следните денови и соопштија дека Мицотакис ќе упати порака до граѓаните.
Преку телевизиска порака до граѓаните, Мицотакис и во 2020 година ја соопшти тогашната одлука Катерина Сакеларопулу да биде кандидатка на Нова демократија за претседател на земјата.
Согласно Уставот, претседателот во Грција го одбира Парламентот по предлог на Владата, најмалку еден месец пред истекот на мандатот на актуелниот претседател, а предвидени се најмногу три гласања, доколку при првото не се постигне потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.
Според најавите соодветните процедури најверојатно ќе започнат на 25 јануари.
Со уставните измени на крајот на ноември 2019 година, изборот на претседател се одвои од предвременото распуштање на Парламентот, за да се избегне реприза на она што се случи во 2015 година, кога недоволниот број гласови за претседателскиот кандидат доведе до предвремени избори во земјата.
Актуелната претседателка во 2020 година, на предлог на Владата на Нова демократија беше избрана при првото гласање, со широко мнозинство, односно со поддршка од три партии и со 261 глас, 61 повеќе од неопходниот минимум. (МИА)