Воведените мерки во Грција, како што се поврзувањето на фискалните каси со ПОС-апаратите, специјалната платформа на даночната управа за дигитализирање на даночните и сметководствени информации за бизнисите, но и електронските трансакции, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, не се само опции што им олеснуваат на државата, бизнисите и граѓаните, туку помагаат во даночното затајување, а во државните загуби од ДДВ се намалиле за 50 отсто, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер преку Фејсбук го коментираше извештајот на Европската комисија за даночно затајување, потенцирајќи дека намалените загуби од ДДВ во Грција „се преточуваат во средства во полза на општеството“, додавајќи дека „само за 2022 година овој профит се проценува на три милијарди евра“.
– И сепак, длабоките промени за кои некои велеа „во Грција не се случуваат“, на крајот се случуваат! Ова го докажува последниот извештај CASE на Европската комисија за даночно затајување, во кој се истакнува дека загубите на државата од ДДВ во нашата земја веќе се намалени за 50 отсто, со една од најбрзите стапки меѓу 27-те земји од ЕУ, напиша Мицотакис.
Додаде дека податоците, „ѝ даваат нов поттик на Владата да продолжи во тешката битка за даночна правда“, битка за која посочи дека пред сè е за „социјална правда, бидејќи обезбедените ресурси се насочени кон здравството, образованието, безбедноста и националната одбрана, во критичните области, кои се однесуваат на сите“.
– Животот ги оправдува иницијативите кои водат кон подобар живот. Продолжуваме!, напиша Мицотакис на крајот од објавата на Фејсбук.