Регион

Мелони: Камповите за мигранти во Албанија ќе работат според планот

Мелони: Камповите за мигранти во Албанија ќе работат според планот

Италијанската премиерка Џорџа Мелони останува убедена, и покрај законските пречки, дека мигрантските кампови во Албанија, промовирани од нејзината десничарска влада, ќе работат според планот.

„Се оди точно како што отсекогаш ви велев: центрите во Албанија ќе функционираат“, им рече Мелони на поддржувачите на настанот на нејзината партија „Браќата на Италија”, денеска во Рим, објави албанската државна агенција, АТА.

Таа се задржала и на договорите во рамките на ЕУ за построг став кон миграцијата.

-Државите на ЕУ неодамна во Брисел се согласија  да го зголемат притисокот врз одбиените баратели на азил и да ги депортираат поефикасно. Центрите за враќање во земји надвор од ЕУ треба да бидат можни и во иднина, вклучително и во Албанија. Сепак, плановите сè уште треба конечно да бидат одобрени, наведува агенцијата.

Договорот меѓу Италија и Албанија за прифаќање по 3 илјади мигранти фатени на море додека чекаат одговор од италијанските власти на барањето за азил и по две години не е почнат да се реализира.

Упатувањето на мигранти во Албанија е забрането со неколку судски одлуки на италијанските и европските судови за кои Мелони  рекла дека се „политизирани пресуди од страна на судството“.

Врз основа на договорот, потпишан во декември 2023 година, прифатен центар е изграден во албанскиот пристанишен град Шнѓин и сместувачки камп во поранешната воена база Ѓадр, но тие сеуште се празни.

To top