Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека мора многу брзо да се постигне „хуманитарна пауза“ во конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа и дека заштитата на цивилите е нешто за што не може да се преговара.
„Мораме да работиме на заштитата на цивилите во најкус можен рок. За да го постигнеме ова, потребна ни е хуманитарна пауза многу брзо и мора да работиме на прекин на огнот“, рече Макрон во Париз, на отворањето на меѓународната конференција за помош на цивилите во Појасот Газа.
Тој нагласи дека „цивилите мора да бидат заштитени“ и дека тоа е „итна потреба за која не може да се преговара“, објави Гардијан.
Денеска Франција е домаќин на голема меѓународна хуманитарна конференција за Газа, која Макрон ја свика со желба да одговори на растечките потреби на опколената палестинска енклава, кои вклучуваат храна, вода, струја и гориво, како и медицински материјали.
На конференцијата се очекува да присуствуваат делегации од над 50 земји, вклучително и неколку европски земји, САД и регионалните сили како Јордан, Египет и земјите од Заливот, како и Обединетите нации и невладините организации, соопшти Елисејската палата.