Германскиот канцелар Олаф Шолц и потпретседателот на Европската комисија за енергетика, Марош Шефчович, многу веројатно доаѓаат во Србија на 19 јули каде што ќе имаат средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Иако засега е непотврдено дали високата европска делегација ќе ја надополни можеби и самата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и сè уште точно нема агенда за нивните посети, српските медиуми пишуваат дека една од главните теми и причина за посетата на високите европски челници на Србија е ископот на литиум и српските суровини за потребите на Европа.
Германскиот канцелар Олаф Шолц планира при посетата на Белград да присуствува на потпишувањето на договорот за соработка меѓу ЕУ и Србија за увоз на минерали, вклучително и литиум, кои се клучни за дигиталната и зелената транзиција на ЕЕ потврдиле за бриселски „Политико“ три извори запознаени со подготовките за патувањето.
Во меѓувреме српската Влада најави дека ќе ја рестартира работата на контроверзниот проект за ископ на литиум во западниот дел на земјата, по минатонеделната одлука на Уставниот суд со која беше поништено претходното откажување на рударската операција.
Претходната Влада пак го стопираше проектот пред повеќе од две години и ги укина дозволите доделени на британско-австралискиот рударски гигант Рио Тинто по масовните протести. Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ, се очекува да учествува на церемонијата на потпишување на договорот, изјавија за „Политико“ две лица запознаени со процесот.
За доаѓањето на Олаф Шолц и Урсула фон дер Лајен во Србија, во српската јавност реагираше и Саво Манојловиќ од движењето „Оди – промени“.
„Германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, наскоро доаѓаат во посета на Србија. Тој ќе се сретне со Вучиќ како лице задолжено да им испорача нелегално ископување литиум“, напиша Манојловиќ на социјалната мрежа „Х“ и додаде дека следните задачи на Владата до крајот на годината се „просторниот план на Лозница“ и „полагање на Физибилити студијата“.
– Со ова целосно се погазува правниот поредок и демократијата во Република Србија како темелни европски вредности. Ова е политика на стабилократија, поддршка на автократи кои го кршат законот, но како колонијализмот, тие ги исполнуваат задачите и ја уништуваат сопствената земја – заклучи Манојловиќ.
Слично размислува и Немања Тодоровиќ, директор на Центарот за современа политика.
„Што се однесува до доаѓањето на канцеларот Шолц, според моите сознанија, тој би можел да дојде во својата втора посета на Србија до крајот на јули. Се очекува како и првиот пат да дојде со силни пораки до властите во Белград. Пред сè во однос на продолжувањето на имплементацијата на договорот меѓу Белград и Приштина. Но, верувам дека меѓу темите ќе бидат вклучени и актуелни прашања, пред сè од областа на европската дипломатија за суровините. Тоа е дел од акцискиот план за суровини, што подразбира диверзификација на изворите преку соработка со земји надвор од Европската Унија – вели Тодоровиќ.
Вучиќ бара гаранции од ЕУ дека ископот на литиум ќе биде еколошки
„Веруваме дека рудникот не би загрозил никого и ништо, но прво да добиеме гаранции од Европа дека животната средина и животот на обичните граѓани во Србија ќе се зачува, но и ќе се подобри со парите што можат да се заработат преку нови работни места, повисоки плати отколку денес. Ако успееме, тогаш дефинитивно ќе одиме на тоа, а ако не успееме, тогаш нема“, изјави Вучиќ за новинарите во Белград.
Следствено, се претпоставува дека Олаф Шолц и претставникот на Европската комисија, кој и да е, по средбите со Вучиќ ќе ја уверат јавноста дека нема причина за стравувања по екологијата и дека сè ќе биде во согласност со највисоките европски еколошки стандарди.