На денешниот прв состанок на Националниот совет за економија и инвестиции, Курти рече дека во последните три години странските директни инвестиции се удвоени, а исто така и извозот.
– Имаме намера да привлечеме странски директни инвестиции кои носат висока вредност и квалитетно вработување на нашите граѓани. Во овој поглед, нашата Влада изгради добра основа за понатамошни подобрувања. Само во последните три години странските директни инвестиции се удвоени, но и извозот, рече Курти.
Според соопштението од неговиот кабинет, косовскиот премиер изјавил дека односот меѓу извозот и увозот е зголемен од речиси 1 спрема 9 колку што бил претходно, на дури и подобро од 1 спрема 6.
– Продолжувањето на ова успешно патување бара непоколеблива посветеност. Таква е нашата посветеност на деловното опкружување кое не само што го олеснува и поттикнува работењето на претпријатијата дома и во странство, туку и поттикнува иновации и конкуренција, рече Курти.
Косовскиот премиер изјави дека неговата влада со интервенциите во законодавството создала еднаков амбиент за сите за инвестиции.
– Ја поставивме како висок приоритет реформата на правната и регулаторната рамка, да се минимизира административното оптоварување и да се обезбеди еднаков амбиент за сите. Ова вклучува фискални стимулации за клучните сектори и инвестиции во инфраструктурата и образованието, за да се подготви работната сила на Косово за идните предизвици. Нашата влада се фокусираше на поврзување на пазарот на труд со образованието и стручното усовршување, рече Курти.