Косовските власти потврдија дека од денеска ќе почне да се применува регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК), која предвидува плаќања во готовина и платежни трансакции исклучиво во евра, со преоден период за граѓаните да се приспособат на регулативата.
Според претходното соопштение на ЦБК, единствена дозволена валута на Косово ќе биде еврото, кое го исклучува динарот од платежните трансакции.
Практично, оваа одлука значи забрана за употреба на динарот, официјалната валута на Србија, која досега се користеше во сите мнозински српски општини на Косово.
Платниот систем на Србија продолжи да функционира во Косово дури и по војната во 1999 година во областите населени со мнозинство Срби, а динарите се во оптек преку Трезорот на Србија во продавници, српските институции, угостителството и другите приватни услужни дејности.
Во меѓувреме, Белград ги обвини властите во Приштина дека со оваа одлука се обидуваат да го откажат дијалогот и да го протераат српскиот народ од Косово, а српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека е убеден дека меѓународната заедница нема да го дозволи тоа.
Тој побара од Европската унија и меѓународната заедница да извршат притисок врз Приштина да ја повлече одлуката, а во меѓувреме, синоќа се сретна со амбасадорите на земјите од Квинтата – САД, Велика Британија, Италија, Германија и Франција. Но, по таа средба беше објавено дека „нема да има никакво соопштение“.
Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, пред тој состанок потврди дека примената на одлуката на ЦБК ќе почне денеска на 1 февруари и оти никој, па ни меѓународните партнери на Косово, не ја доведуваат во прашање законитоста на таа одлука. (МИА)