Еврокомесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос, денеска престојува во Албанија, што е нејзина прва посета на оваа земја по изборот на функцијата, а покрај средбите ќе присуствува и на конференцијата за проширување на Европската унија што ќе се одржи на Европскиот Колеџ.
По средбта со премиерот Еди Рама одржаа заедничка прес-конференција на која порача дека патувањето на земјата кон ЕУ, е сигурно и вистинито и оти Албанија заслужува да биде дел од ЕУ, зашто е „шампион за регионалната соработка“.
-Посакувам да беше сончево, но ми кажа почитуваниот Рама дека ако врне за време на посетата, тоа значи среќа. Геополитиката денес ни покажува дека се е можно и вашиот пат кон ЕУ е безбеден и вистинит. Процесот за членство треба да биде проект на сите албански граѓани. Според мене, важно е пристапниот процес да биде проект на целото албанско општество. Не само владата, туку секој град и село треба да се вклучи, за граѓаните да разберат зошто Албанија ќе стане членка на ЕУ, рече таа.
Кос се задржа и на парламентарните избори што ќе се одржат на 11 мај, оценувајќи притоа дека изборниот процес е меѓу најважните процеси во демократијата и оти е убедена дека ќе бидат слободни и демократски.
-Парламентарните избори се еден од најважните процеси во една демократија. Ова е изборот на граѓаните да си ја исполнат должноста да гласаат, се надевам дека ќе гласаат и ќе има голема излезност. Сигурна сум дека ќе бидат слободни и фер и го поздравувам фактот што дијаспората ќе има можност да гласа на овие избори. Да проговорат со своите гласови за тие важни работи, за принципите и основите на демократијата, порача таа.
Од своја страна премиерот Рама изјави дека за да се стигне до крајната дестинација – европското семејство, мора да се завршат сите домашни задачи. Затоа што, како што кажа Рама, ЕУ и неправедно може да те кочи, но за да добиеш нешто повеќе, треба да си ја завршиш домашната задача, нагласувајќи ја убеденоста дека Албанија во 2030 во ЕУ, ја гледа, како реализација на програмата што ја има неговата партија.
-Членството во ЕУ не е возење со автобус или авион, туку создавање услови и стандарди, овде, за да се биде член на тамошното семејство. Албанија 2030 во ЕУ ја гледаме како реализација на програмата што ја имаме. Преговорите се базираат на резултати. За да ги спречите да ве попречуваат колку што сакаат, дури и неправедно, да дадат уште една работа, треба да си ја завршите домашната задача. Ова е ЕУ, нагласи Рама.
Тој исто така рече дека и Албанија и другите земји од регионот немаат друга алтернатива освен интеграцијата „нема друга алтернатива за индивидуалната слобода, за еднаквоста пред законот нема друга алтернатива за соживотот на различностите и европските стандарди на овој соживот“.
-Одлучни сме успешно да ги завршиме преговорите до 2027 година и Албанците во оваа деценија да добијат пасош на ЕУ. Кога одат на европските аеродроми, треба да влезат со тој транспарент со ѕвездички, а не преку тој коридор каде што пишува „други“. Конечно, албанскиот парламент денеска на маса го има финансирањето на планот за раст на средствата кои се околу 1 милијарда евра наменети за Албанија. Драга Марта, ние ги сакаме нашите пари, рече Рама.
Посочи дека визијата и целта на мнозинството во земјата се реформите во правосудството, кои нема да се случат без перспективата на ЕУ, додавајќи дека митот за неказнивост во неговата земја е минато.
Подарок и ветување, покрај политичките декларации, еврокомесарката за проширување Марта Кос имаше за премиерот Еди Рама. Таа на шефот на владата му даде дрес со број 11 на кој пишува „Европски тим“, велејќи му дека по заокружувањето на интеграцијата заедно ќе се искачат на врвот на планината Кораб.