Регион

Иванова: Бугарија губи европски пари затоа што нема стабилна Влада

Иванова: Бугарија губи европски пари затоа што нема стабилна Влада

Поради тоа што нема стабилна политичка Влада, Бугарија се соочува со реален ризик да остане без средства предвидени со Планот за закрепнување на ЕУ, предупреди еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова.

– Немањето редовна Влада нема да влијание добро врз позицијата на Бугарија во Европа, изјави бугарската еврокомесарка Иванова во интервју за софиската телевизија бТВ.

Иванова потенцира дека во рамки на Планот за закрепнување на ЕУ, Бугарија би можела да добие вкупно 5,69 милијарди евра, но поради политичката состојба во земјата постои реален ризик да загуби дел од овие средства.

Поради застој во спроведување на реформите и неусвојувањето на некои закони како резултат на серијата предвремени избори и фактот што со земјата раководат технички Влади, Европската комисија досега исплати само една транша во рамки на Планот, иако Бугарија според планираното требаше да добие средства од четири транши.

Според Иванова, тоа што нема стабилна редовна Влада, покрај на доцнење во исплатата на средства од ЕУ фондовите, може да влијае и врз процесот на приклучување на Бугарија кон Еврозоната.

– Многу е пожелно да има стабилна Влада која дава јасни сигнали и соработува со европските партнери на Бугарија, нагласи Иванова, изразувајќи надеж дека наскоро земјата ќе добие редовна Влада.

Бугарија се соочува со одржување на седми по ред предвремени избори во последниве нешто повеќе од три години, доколку не успеат обидите за формирање политичка Влада по последните избори одржани на 9 јуни.

Поради тоа што нема редовна политичка Влада, Бугарија се уште го нема предложено ниту кандидатот за еврокомесар во идната Европска комисија.

To top