Со поддршка од дел од пратениците од владејачката Нова демократија и со пратеници од четири опозициски партии, се очекува вечерва законот за истополовите бракови да биде изгласан во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Расправата за предлог-законот „Еднаквост во граѓанските бракови, измена на граѓанскиот законик и други одредби“, што предвидува проширување на можноста за брак на лица од ист пол во Грција и да ја зајакне заштитата од дискриминација, започна вчера, продолжува денеска и ќе заврши вечерва со гласање на пратениците.
Во текот на вчерашниот ден, дел од пратениците од Нова демократија од собраниската говорница соопштија дека ќе гласаат против.
Од 158 пратеници од владејачката партија, според „Катимерини“, меѓу 105 и 110 ќе го поддржат законот, а останатите или ќе бидат против или ќе отсуствуваат од гласањето.
На гласањето ќе му претходат говори на лидерите на партиите, како и на грчкиот премиер.
Државниот министер на Грција Акис Скерцос пред две седмици го достави предлог-законот во грчкиот Парламент по што следеше и дискусија на надлежната комисија, а известувачите од Нова Демократија и од опозициските СИРИЗА, ПАСОК, Нова левица и Курс на слобода при нивните образложувања начелно се изјаснија позитивно, додека пак Комунистичката партија, Грчко решение, Победа и Спартанци се против.
Со законот лицата од ист пол ќе добијат законска можност да склучат граѓански брак, а досега единствено беше легален договорот за соживот.
Паралелно со расправата, во центарот на Атина се закажани и одделни собири, еден за поддршка на законот, друг против.
Протест против законот се одржа во неделата кога голем број граѓани со грчки знамиња, икони, крстови, транспаренти со пораки, но и говори, се собраа за да го изразат нивното несогласување. (МИА)