Регион

Градоначалникот на Тирана Ерион Велиај останува во затворски притвор

Градоначалникот на Тирана Ерион Велиај останува во затворски притвор

Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, останува во затворски притвор, откако Апелацискиот суд против организиран криминал и корупција го отфрли барањето за изрекување поблага мерка.

– Одлуката судот ја донесе претпладнево по дводневните повеќечасовни рочишта, на кои адвокатите на Велиај образложија дека не постои опасност од бегство и нема можност за оштетување на доказите, нудејќи и финансиска гаранција.

Но, обвинителите потсетија дека Велиај е под истрага за корупција во девет случаи и перење пари и ги отфрлија обвиненијата на адвокатите за неговото апсење, објавија албанските медиуми.

Во судот беше и американскиот адвокат Џошуа Робертс, кој побара да го набљудува рочиштето, што беше одбиено како неосновано.

Робертс е дел од адвокатското студио Kasowitz Benson e Torres LLP, кого, според дел од медиумите, братот на Велиај го ангажирал за 300 илјади долари.

Велиај е во притвор од 10 февруари, откако беше уапсен под обвинение за корупција и перење пари. Според СПАК, истрагата открила дека Ерион Велиај, во својство на градоначалник на Тирана, формирал криминална шема во соработка со неговата сопруга Ајола Џоџа, бизнисмени и непрофитни организации поврзани со него за да имаат корист од големи суми пари.

По налог на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), беше уапсен на 10. минатиот месец, а два дена подоцна му беше одредена мерка притвор, која ја издржува во затворот во Драч.

Велиај (46), на чело на албанскиот главен град беше трет мандат, а претходно и министер за социјална заштита.

To top