Регион

Големиот пожар на Кипар сè уште не е ставен под контрола

Пожарот уништи домови, а вчера превентивно беа евакуирани неколку населени места.

Големиот пожар на Кипар сè уште не е ставен под контрола

Во текот на ноќта со несмален интензитет продолжи гаснењето на големиот пожар во близина на градот Пафос во западниот дел на Кипар, што сè уште не е ставен под контрола, а утрово се очекува да започне интервенција и од воздух со авионите што пристигнаа од Грција и Јордан, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот уништи домови, а вчера превентивно беа евакуирани неколку населени места.

Според портпаролот на противпожарната служба на Кипар Андреас Кетис, утрово активни се две жаришта во непроодни делови, а интервенираат над 250 припадници на противпожарната служба и волонтери, како и 50 возила.

Република Кипар вчера побара помош со воздушни средства од Јордан, Израел, Грција и механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.

Два грчки авиони од типот Canadair се веќе на Кипар, а се очекуваат и двата Airtractor од Јордан.

Претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис, поради пожарот синоќа ја прекина посетата на Јордан и пристигна во Координативниот центар во Ларнака каде што беше информиран за ситуацијата истакна дека приоритет е безбедноста на граѓаните, посочи дека разговарал со жителите на погодените подрачја, чии домови целосно се уништени и државата ќе им помогне.

Им се заблагодари на Грција и Јордан за испратените авиони за гаснење на пожарот и потенцираше дека е време „Република Кипар да го добие она што требаше да го има со години, свои воздушни средства“.

To top