Во воената фабрика „Крушик“ во Ваљево експлодира мина. Повредени се осум работници, додека од фабриката соопштија дека се повредени тројца работници, јави дописникот на МИА од Белград.
Осум работници се полесно повредени пред пладне при експлозија на мина во ХК Крушик во Ваљево, потврдија за РТС од полициската управа во Ваљево. На повредените укажана им е лекарска помош во Ургентниот центар на болницата.
Од фабриката во Ваљево соопштија дека несреќата се случила во погонот за лаборација на мините, а работниците се повредени додека работеле со каписла.
Според соопштението на Крушик, повредени се три лица.
-Инцидентот немал пошироки размери, со што се спречени сериозни повреди и материјална штета, се наведува во соопштението.
Според изјавата на д-р Зоран Милосављевиќ, заменик директор на Здравствениот Центар Ваљево, ниту еден од повредените работници не е задржан во болница.
Најтешка повреда кај повредените работници е пукната слушна опна. Во моментот на експлозијата на работа имало 20 вработени.
Надлежното обвинителство води истрага за утврдување на причините за експлозијата.