Регион Република Српска

Додик: Ќе прогласиме независност доколку Шмит наметне закон за имот

„Во истиот момент ќе закажеме седница на Националното собрание и ќе ја прогласиме независноста на Република Српска. Што друго да правиме?“

Додик: Ќе прогласиме независност доколку Шмит наметне закон за имот

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека отцепувањето на Република Српска не е план на нејзиното раководство, но посочи дека сега има 10 до 15 земји кои изразиле подготвеност тоа да го поддржат, а меѓу нив има и членки на Европската унија, но и други земји во светот.

„Не ни треба повеќе“, изјави Додик во интервју за хрватскиот неделник „Национал“.

На прашањето дали Русија е меѓу тие земји, Додик рече дека Руската Федерација сега е зафатена со некои свои проблеми и прашања, но дека ќе ја праша.

„Русија го почитува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и тоа е официјалната политика со која се соочуваме. Допрва треба да видиме како Русија ќе се однесува во моментот на новата фактичка состојба“, рече Додик.

Тој повтори дека Република Српска ќе прогласи независност доколку високиот претставник на меѓународната заедница за БИХ, Кристијан Шмит наметне закон за имот, бидејќи тоа би било целосно нејзино уништување.

„Во истиот момент ќе закажеме седница на Националното собрание и ќе ја прогласиме независноста на Република Српска. Што друго да правиме? Само ја потврдувам определбата на политичкиот и државниот врв и народот на Република Српска дека ако се допре во имотот, тогаш Републиката е бесмислена, нема нејзино постоење. Ние мораме да ја браниме и ќе донесеме таква одлука“, рече Додик.  (МИА)

To top