Регион

Дачиќ: Безбедоносната ситуација во Србија е стабилна, некои јавни собири ќе бидат забранети

Синоќешниот терористички напад во Москва, министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ го оцени како пропуст на руските безбедносни служби. По вонредната седница на Советот за национална безбедност, тој посочи дека безбедносната состојба во Србија е стабилна и дека МВР и безбедносните служби ги преземаат сите мерки на претпазливост, поради што некои јавни собири нема да бидат дозволени, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ: Безбедоносната ситуација во Србија е стабилна, некои јавни собири ќе бидат забранети

-Имавме средба утрово на покана на претседателот Вучиќ. На дневен ред имаше многу точки, а најважната порака беше дека и покрај сите безбедносни предизвици со кои се соочуваме, особено по нападот во Москва, оценката е дека безбедносната состојба во Србија е стабилна. Но, без разлика на тоа, мораме да бидеме подготвени за секоја ситуација. Мора да се преземат мерки на претпазливост. Безбедноста на Србија е најважен приоритет, рече Дачиќ.

Иако нема информации дека на Србија и се заканува терористички акт, Дачиќ кажа дека ќе се применуваат мерки на претпазливост.

-Нема да бидат дозволени некои јавни собири, се во согласност со безбедносните проценки. Безбедноста е приоритет. Без разлика што немаме сознание, мора да бидеме внимателни. Понекогаш тоа што немате сознание не значи дека нешто нема да се случи, кажа тој.

Дачиќ посочи дека синоќешниот терористички напад во Москва секако е пропуст на руските безбедносни служби.

– Мислам дека ова е првиот показател колку е лошо кога се прекинуваат безбедносните контакти меѓу службите. Сигурно тоа беше превид и многу луѓе во Русија ќе бидат казнети за тоа што се случи, изјави Дачиќ во гостувањето на ТВ Пинк.

На прашањето дали терористичкиот напад има некаква врска со неодамна одржаните избори во Русија каде победи Владимир Путин, Дачиќ изјави дека ова сега го кажува како поединец.

-Ако Америка ги предупреди своите граѓани да не одат во Москва на 7 март, тоа значи дека имале некакви најави. Ова секако има врска со изборите. Пред се, има за цел да покаже колку Русија е ранлива како земја, кога во центарот на таа земја можете да извршите таков терористички чин, изјави Дачиќ.

To top