Регион

Блинкен во посета на Тирана

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ќе допатува во прва официјална посета на Албанија.

Блинкен во посета на Тирана

Премиерот Еди Рама преку порака на социјалните мрежи виртуелно му посака добредојде на високиот американски функционер.

Од синоќа во 19:30 до вечерва до 20 часот во сила се засилени безбедносни мерки, а за безбедноста ангажирани се над илјада полицајци вклучително и оние од специјалните единици.

Блинкен ќе допатува во 11 часот а за неговиот осумчасовен престој се планирани голем број активности.

Првата средба ќе ја има со група од околу 100 млади лица кои студирале во програми понудени од Соединетите Американски Држави како Фулбрајт и Меѓународната програма за лидерски посетители, IVLP.

Потоа следува средба со вработените во амбасадата како и со авганистански апликанти за специјални имигрантски визи.

Средбата со шефот на државата Бајрам Бегај е предвидена за 15:05 часот, по што ќе се обрати на активност на млади и дипломирани студенти на тема „Прослава на иднината на односите меѓу САД и Албанија“ а во 16:15 часот ќе се сретне со премиерот Рама.

Двајцата ќе присуствуваат на потпишување на Меморандум за разбирање за академската размена на Фулбрајт и Меморандум за разбирање за рамката за борба против манипулација со странски информации, по што ќе одржат прес-конференција.

To top