Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај изјави дека Косово треба повеќе да ги слуша советите на САД и на Европска Унија.
Бегај за албанската државна телевизија додаде дека интегритетот и суверенитетот на Косово се неспорни, но, според него, за секоја одлука што ќе ја донесе, би било добро да се добијат совети и согласност од партнерите.
– Косово е дел од нас, ние сме еден народ, две држави. Тоа е најголем интерес на Албанија, уставна обврска е да се интересира за Косово. Неговиот интегритетот и суверенитетот се неспорни. Имаме голема среќа што на Косово го имаме и КФОР, кој ја гарантира безбедноста, границата на Косово, но секоја одлука што треба да ја донесе Косово, за да ги спроведе обврските што му припаѓаат како држава, би било добро ако тие се направени со совети и добивање согласност и повеќе да се слушаат советите добиени од САД и ЕУ, оцени Бегај.
Според него Албанија е мала земја, но нејзиниот придонес во надворешната политика е голем, особено во регионот, каде што е фактор кој придонесува за мир, стабилност и одржлив развој.