Регион Тирана

Бегај алармира за демографската криза која влијае врз безбедноста

Песимистичките прогнози и загрижувачката демографска реалност покажуваат дека ако денес одложиме или направиме грешка, утре нема да имаме втора шанса, порача Бегај.

Бегај алармира за демографската криза која влијае врз безбедноста

Албанскиот претседател Бајрам Бегај, на конференција во Тирана на академици од Албанија и Косово, рече дека демографската криза е факт кој не може да се отфрли.

На Конференција посветена на еден од најголемите предизвици на развојот: демографските промени и динамиката на пазарот на трудот, тој меѓу другото посочи дека бројот на учениците е во постојан пад, а поради заминувањето на работоспособното население од Албанија, присутен е недостиг на пазарот на труд.

Мораме, рече тој, да го предвидиме бранот на демографски промени и да „изградиме долгорочни стратегии и добро осмислени и координирани политики“.

– Неопходно е прецизно и брзо спроведување на овие стратегии и политики за да се избегнат последиците. Песимистичките прогнози и загрижувачката демографска реалност покажуваат дека ако денес одложиме или направиме грешка, утре нема да имаме втора шанса, порача Бегај.

Според него „сегашните и очекуваните демографски случувања влијаат врз темелите на општество: безбедноста, семејството, вработувањето, благосостојбата и развојните перспективи“.

Бегај наведе дека соработката во сите области меѓу Албанија и Косово и Албанците во регионот се приоритет, бидејќи оцени дека само на овој начин може да се создадат повеќе можности, поголема стабилност и поголема надеж за млади луѓе.

To top