Засилени безбедносни мерки од вечерва се воведуваат во Тирана пред утрешната посета на американскиот државен секретар Анони Блинкен, што е негова прва посета на Албанија.
За безбедноста ќе се грижат над илјада полициски службеници, вклучително и припадниците на специјалните единици.
Полицијата објави список на улици и плоштади каде е забрането движење и паркирање на возила, што стапуваат во сила од вечерва во 19:30 и ќе важат до утре во 20 часот.
Во меѓувреме албанската метропола е подготвена за дочек на високиот гостин. Албански и американски знамиња се поставени на булеварот „Народни херои” каде што ќе минува Блинкен а на Политехничкиот факултет е поставен транспарент со ликот на американски функционер на кој пишува „Добре дојдовте господине Блинкен“.
Медиумите пренесуваат изјава на портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, кој коментирајќи ја посетата рекол дека Албанија е “клучен партнер за стабилност и напредок на Западен Балкан, како и силен глас за одбраната на Украина”.
Според него посетата ја потврдува силата на односите на САД со Албанија. Блинкен во Тирана ќе пристигне во 11 часот и ќе остане околу 8 часа. Ќе се сретне со шефот на државата Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама.
Тоа е шеста посета на американски државен секретар на Албанија.