Рускиот антивоен кандидат Борис Надеждин не е на списокот откако Државната изборна комисија (ЦЕЦ) му забрани да се кандидира во четвртокот, тврдејќи дека имало пропусти при собирањето потписи потребни за поддршка на неговата кандидатура.
Заедно со Путин, ЦЕЦ за кандидати ги именуваше Владислав Даванков, заменик-претседател на руската Дума и член на клубот Нови луѓе; Леонид Слуцки, лидер на ултранационалистичката Либерално-демократска партија (ЛДПР) лојална на Кремљ; и Николај Харитонов, кандидат на Комунистичката партија.
Путин, кој избра да се кандидира како независен кандидат наместо преку неговата владејачка партија Единствена Русија и кој е врховен лидер на Русија од 2000 година, се очекува лесно да победи на изборите следниот месец.
Иако никој не очекуваше Надеждин – кој ја окарактеризира војната на Путин во Украина како „фатална грешка“ – да победи, неговата жестока критика изненади некои аналитичари. Кремљ објави дека не го гледа како сериозен конкурент на Путин.
Во четвртокот Надеждин рече дека ќе ја оспори одлуката на ЦЕЦ пред Врховниот суд на Русија. Војната, која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“, е при крајот на својата втора година. Во неа загинаа илјадници лица од двете страни, раселени се милиони Украинци и претвори многу градови и села во урнатини.