„Ако по утрото денот се познава, со промените што се случуваа оваа година, може да се предвиди дека за нашава земја доаѓаат подобри времиња“, рече претседателот на МАНУ.
Академик Живко Попов во денешното обраќање по повод денот на академијата говореше и за пречките на земјава на патот на зачленување во Европската Унија.
„Евроскептицизмот кој се јавува во последно време е резултат на пречките кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно преземените обврски во врска со договорите со Грција и оној за добрососедство со Бугарија, кои во најмала рака беа референдумски прашања кои треба да се почитуваат, чиишто последици се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот.За нив земјата направи болни компромиси, при што си го промени прво државното знаме, а потоа и државното неприкосновено име, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ“, истакна Попов во обраќањето.
Тој рече дека ние сме мал народ во сиромашна држава и само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и ЕУ „може да дојдеме до разумни и прифатливи решенија за создадените проблеми“.
„Зачувувајќи го притоа културното и историско наследство кое му припаѓа на македонскиот народ како европска вредност. Но, и покрај сите пречки, македонската држава денес е дефинитивна историска реалност со потврден целосен историски идентитет и меѓународен државно-правен легитимитет, којашто на достоинствен начин мора храбро да продолжи по зацртаниот европски пат“, додаде претседателот на МАНУ.
Порача дека „иднината на македонската држава се гради со труд, со заедништво, обединетост и храброст“.