За приведувањето на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмеди, кој пред неколку месеци стана сопственик на бизнис-центарот „Соравиа“, известен е јавен обвинител. Тој ќе одлучува за натамошниот тек на постапката.
Дрин Ахмеди беше приведен вчеравечер во центарот на Скопје, откако полициски службеници го сопреле неговото возило и во него нашле пиротехнички средства.
За настанот е известен јавен обвинител. Во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства, јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката, велат од Основното јавно обвинителство.
Дрин Ахмеди, внук од братот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Фекри, пред неколку месеци стана сопственик на бизнис-центарот „Соравиа“.
Тој од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“. Инаку, Дрин Ахмеди е косопственик и на фирмата „Еверест ЏД“ која има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Буковиќ“ во Зајас.
Основна дејност на „Еверест ЏД“, основана во 2005 година, е „изградба на други објекти од нискоградба“. Оваа фирма има активна концесија (до 2026) за експлоатација на минерална суровина – варовник на локалитетот Буковиќ, општина Зајас.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата информираа и дека на 9 јуни годинава им било доставено известување за концентрација со која Друштвото за производство, трговија и услуги „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската „Пе-вла-ку ШПК“, со адреса во главниот град на Албанија, Тирана, ќе стекнат заедничка контрола над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ.
Дрин Ахмеди летоска отфрли поврзаност на лидерот на ДУИ со неговиот бизнис.
Али Ахмети, рече, му е мотивација и тој ѝ помогнал на оваа држава, бидејќи Македонија, вели младиот бизнисмен, денес ќе ја немаше.
„Горд сум што ми е вујко, но тој нема никаква врска со мојот бизнис. Нула поврзаност“рече Дрин Ахмеди.