Во Министерството за локална самоуправа денеска е направено формално примопредавање на должноста министер за локална самоуправа. По изборот во Собранието, новиот министер за локална самоуправа Златко Перински во кабинетот беше пречекан од досегашниот министер Ристо Пенов.
Како што соопшти Министерството за локална самоуправа на средбата се разговарало за реализацијата на тековните проекти на Министерството, за имплементацијата на политиките за локален и регионален развој, за спроведувањето на ИПА Програмите за прекугранична соработка, како и за финансиската поддршка на општините и на планските региони што се реализира од буџетските програми на Министерството за локална самоуправа и на Бирото за регионален развој.
На средбата било истакнато дека управувањето со ова Министерство има предизвици затоа што локалниот развој директно влијае на квалитетот на услугите и на животот на граѓаните.
Пенов на Перински му посакал успешна работа во интерес на сите граѓани. Било истакнато дека е најважна финансиската поддршка на проектите, но и подобрувањето на функционалноста на локалната самоуправа преку постојано подобрување на услугите, отчетноста и транспарентноста.
Воедно била истакната соработката на Министерството со меѓународните организации и агенции во земјата, кои што во континуитет го поддржуваат процесот на децентрализација, како и развојот на општините и на планските региони.