Претседателот на Украина Володимир Зеленски ѝ ја честиташе убедливата победа на претседателските избори на Гордана Силјановска Давкова.
Тој својата порака ја објави на социјалната мрежа X.
-Честитки за Гордана Силјановска Давкова за нејзината убедлива изборна победа. И посакувам успешен и плоден мандат. Го цениме нашето силно партнерство и ја цениме поддршката на Скопје за Украина во спротивставувањето на руската агресија. Со нетрпение очекувам да ја зајакнеме нашата билатерална соработка со цел да ги вратиме мирот и стабилноста низ нашата обединета Европа, напиша Зеленски.
Силјановска-Давкова се заблагодари на честитката на украински, македонски и на англиски јазик истакнувајќи го следново:
„Почитуван претседателе Зеленски, денеска кога го славиме Денот на Европа исто така се потсетуваме дека судбината на украинската нација е под закана. Ние ја поддржуваме Украина и ја нудиме солидарноста на сите македонски граѓански за постигнување на праведен мир и вистинска долгорочна безбедност. Ниту една европска нација, која ги споделува и брани заедничките европски вредности, не смее да биде изоставена од европското единство. Очекувам дополнително да ја зајакнеме билатералната соработка и се надевам на брз прием на нашите две земји во ЕУ.“