Завршните зборови на одбраната на обвинетите во „Ласкарци“ продолжуваат на 26 декември, откако денеска во Основниот кривичен суд, бранителите на второобвинетиот Ремзи Мифтари и третообвинетиот Игор Ѓорѓиевски во нивните завршните зборови побараа ослободителна пресуда.
На расправата на 26 декември со завршни зборови треба да продолжи одбраната на четвртообвинетиот, Горан Дуковски, петтообвинетиот, Јане Боварски, и шестообвинетиот Маноил Трифуновски.
Според адвокатката Сузана Абдурахими, бранителка на второобинетиот Ремзи Мифтари, одговорен за транспорт во фирмата „Дурмо Турс“ ниту еден доказ не докажал дека се исполнува битието на обвиението што му се става на товар на обвинетиот.
Бранителката на третообвинетиот Игор Ѓорѓиевски, двокатката, Ружа Томеска, исто така потенцираше дека јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека Ѓорѓиевски го сторил делото што му се става на товар и побара ослободителна пресуда.
Второ и третообвинетиот се приклучија кон завршните зборови на нивните бранители.
Завршни зборови на изминатата расправа даде јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, и бранителите на првообвинетиот, сопственик на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули.
Јакимовски побара најстрога казна за обвинетите за автобуската несреќа што се случи во 2019 година кај Ласкарци. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.
Најстрога казна тогаш побараа и оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа.
Бранителите на првообвинетиот во случајот „Ласкарци“, во завршните зборови наведоа дека во постапката не се долажало ниту едно дејствие за кое е обвинет сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ , Дурмиш Белули, во чиј автобус при незгодата загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.
Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска.