Уставниот суд утре ќе ја одржи 45. седница на која меѓу останатите предмети е предвидено да се гласа по предметот кој опфаќа оспорени одредби од Законот за матичната евиденција.
Овој предмет, како што информираат од Уставен, беше ставен на дискусија на 19 јули 2023 година при што се исцрпи дискусијата, но во фазата на гласање, предлогот не го доби потребното мнозинство. Судијата-известител Дарко Костадиновски, тогаш предложи да се поведе постапка, односно во следната фаза Уставниот суд да ја оценува уставноста на три члена кои опфаќаат податок националност во матичните книги на родените, венчаните и умрените од Законот за матичната евиденција, но овој предлог не го доби потребното мнозинство од најмалку пет гласа „за“.
Подносител на иницијативата е Политичка партија „Левица”, а оспорени одредби се член 4 став 1 точка 2) во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1) во делот „националностa” и член 13 став 1 точка 1 во делот „националноста”, сите од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” број број 8/1995, 38/2002, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Македонија” број 14/2020 и 129/2023).
Од наводите во иницијативата се вели, дека според подносителот, чувството на национална припадност е лично чувство на граѓанинот и не може да се докажува со јавна исправа, т.е. со документ издаден од државен орган, пред се поради фактот што слободата на изразување на националната припадност го вклучува и правото на промена на чувството за национална припадност, а со практичното воведување на графа за националноста во изводот од матичните книги – како јавни регистри, се окончува еднаш изразеното национално чувство. (МИА)