Во земјава денеска се одржува првиот круг од претседателските избори. Право на глас имаат 1.814.317, кои можат да изберат меѓу седум кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитревски. Во првиот круг победник може да биде кандидат кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 907.159 гласови.
Доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови во првиот круг.
Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 8 мај. За претседател ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 725.727 гласачи, што е предвидено во Изборниот законик, а за него гласале 362.864 избирачи.
Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка.
Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Северна Македонија.
За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Северна Македонија најмалку десет години во последните 15 години. Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.