Македонија Колумни колумна

За двојните либерални стандарди, по којзнае кој пат

     Либерална ЕУ и се’ е можно. Лаги, измами, двојни стандарди, корупција, насилно менување непожелни влади… Можеби, за жал, токму ние, Македонците, најжестоко го почувствувавме и се’ уште, слепо верувајќи, го чувствуваме сето тоа.

За двојните либерални стандарди, по којзнае кој пат

 

Веќе дваесеттина години упорно зборувам и пишувам дека најопасното оружје со кое се уништуваат општествата и, може да се уништи целото човештво, се двојните либерални стандарди. Оние двојни стандарди кои, покрај глобалното искуство, внатре во секоја држава посебно, ги практикуваат политичките партии, нивните клиентелистички членови, медиумите и државните институции, во зависност од позицијата – дали се наоѓаат на власт или во опозиција.

Па така, она што додека некоја политичка партија е во опозиција, го критикува, штом дојде на власт, го смета за прифатливо; она што го практикува власта, членовите клиентелисти, додека нивната партија е во опозиција, најостро го осудуваат, а штом се најдат на власт со сите сили го оправдуваат; медиумски линч на потезите на една власт додека медиумот е близок на партија во опозиција, за да веќе после промената на власта, истите потези на блиската партија на власт, медиумски се претставуваат како врвно достигнување; институциите, посебно оние од правосудниот систем, се приказна за себе, нивните двојни аршини се најдобар доказ за слугување на “својата“ партија… Двојни стандарди кои најинтензивно го разјадуваат општеството се’ додека не го доведат до ниво на нефункционалност.

Европските држави и двојните стандарди

Еве што напишал Адолф Хитлер, во 1928 година, во неговата книга “Мојот поредок на светот“.

“Значи, преку карактерот на европската хегемонија, со текот на времето е развиена извесна практика да се демонстрира концепцијата на угледот и на честа на прости примери, за да се постигне престижот на одделни европски држави или барем да им овозможи извесна стабилност. Штом на некој Французин или на Англичанец му се нанесе некаква наводна или лажна неправда во извесни земји кои се слаби или помалку силни во воена смисла, одбраната на односниот предмет ќе се презема со вооружени средства. Неколку воени брода би демонстрирале воена сила која во најлош случај би се состоела во стрелање со боева муниција или со растоварување на воени сили со што ќе се изврши казнување. Не ретко се случувало, на овој начин, да се најде изговор за интервенција.

Веројатно на Англија никогаш нема да и’ се случи да размени нота со Северна Америка заради некој безначаен инцидент, за кој крваво би и се одмаздила, да речеме, на Либерија.“

Она што Хитлер пред речиси сто години го напишал за односот на западноевропските големи држави како Англија и Франција и за нивните валкани двојни стандарди, за жал, се провлекува цело едно столетие, а можеби е најинтензивно во последниве триесеттина години. Во времето на униполарното либерално владеење.

Па така, неодамна, амбасадорот на ЕУ, Михаил Рокас, од “високо“ ни порача дека “работите со корупцијата во државава почнаа да се движат во вистинска насока“, за да од нашите “експерти“, кои биле “скептични во врска со напредокот на Македонија во борбата против корупцијата“, му биде порачано дека “решението лежи во целосната интеграција на земјата во ЕУ, бидејќи нема капацитет сама да се бори против корупцијата“.

Две работи веднаш бараат одговор – дали ЕУ е доволно “чиста“ од корупција, за да може, прво, да оценува чија и да е корумпираност и да помага во борбата против корупцијата и, второ, дали навистина степенот на корупција и начинот на справување со неа е вистински услов за напредок на една држава во евроинтеграциите ?

На првото прашање одговорот е повеќе од јасен преку примерите со, на пример, претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која е осомничена за корупција вредна 10 милијарди евра при потпишување договор за снабдување со вакцини против корона; Каја Калас, висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, за која американските медиуми пишуваа дека е врската за “перењето“ на 110 милијарди долари од украинскиот режим преку естонските банки; Мирослав Лајчак, поранешен висок претставник на ЕУ за БиХ, гостин на педофилскиот остров на Епштајн; Јоханес Хан, поранешен комесар на Европската комисија за добрососедство и проширување, кој на 22. 01 2026 година, кога се во прашање земјите од “Западен Балкан“ изјави дека “нема попусти за пристапување кон Унијата“, во време кога се води истрага за неправилности при продажбата на недвижности во сопственост на ЕУ, во време кога токму тој бил задолжен за буџетот… кои јасно говорат дека бирократите од ЕУ немаат ниту кредибилитет, ниту легитимитет да зборуваат за корупција, за битка против корупција, за некакви европски вредности и, да оценуваат туѓо однесување. Ова не значи дека Република Македонија не е потоната во корупција, но, значи, дека оној кој е потонат двојно подлабоко, тешко дека има морално право да оценува што и да е.

На второто, одговорот го даде токму Урсула фон дер Лајен, кога пред неколку дена изјави дека Украина “добро напредува со потребните реформи и се справува со корупцијата“ што, според нејзе, иако не може да го каже конечниот датум, може да овозможи прием на Украина во ЕУ во 2027 година.

Да го изјавиш ова во време кога половина од соработниците во владата на Зеленски се веќе избегани од државата за да се спасат од потврдени обвиненија за корупција, кога илјадници украински службеници одговорни за мобилизација, докажано ослободуваат од заминување на фронт доколку им биде платено, кога Украина тоне во корупција која најверојатно се протега и до самиот Зеленски и, барем така пишуваат американските медиуми, тежи неколку стотини милијарди “испрани“ долари, е најголема навреда за здравиот разум. Истовремено, најцврст доказ за валканите двојни стандарди на ЕУ.

И конечно, додека нам упорно ни се повторува дека ЕУ ги штити државите членки и нивните интереси во однос на земјите кандидати, па затоа е “на страната“ на Бугарија во билатералниот спор со Македонија, односот на ЕУ кон една своја држава членка, Унгарија, во енергетската “војна“ со режимот на Зеленски, говори токму спротивно – дека во овој случај, ЕУ застанува во одбрана на интересите на земја која според ниту еден критериум не може да биде ниту кандидат за членство во ЕУ, наспроти држава која повеќе од 20 години е во тоа “елитно“ друштво.

Овој пример јасно покажува две работи, покрај валканите двојни стандарди, го докажува и мешањето на европските либерали во априлските парламентарни избори во Унгарија преку насилното влошување на енергетската и економската состојба во државата, со што се обидува да предизвика паѓање на суверенистичката Влада на Орбан и победа на нивното либерално другарче. Нешто веќе видено кај нас во уривањето на Владата на Никола Груевски.

Либерална ЕУ и се’ е можно. Лаги, измами, двојни стандарди, корупција, насилно менување непожелни влади… Можеби, за жал, токму ние, Македонците, најжестоко го почувствувавме и се’ уште, слепо верувајќи, го чувствуваме сето тоа.

Доколку не се разбудиме најскоро, може да се разбудиме во неподносливи болки во украинизирана Европа.

Страшо Ангеловски

Претседател на МААК

Најнови вести од Македонија Колумни

To top