Најмногу дожд во изминатото деноноќие во државава наврна во Тетово, , 53 литри на метар квадратен, по што следуваат Попова Шапка со 29 литри, Скопје-Зајчев Рид и Крива Паланка со 28, Скопје-Петровец со 15, Маврови Анови со девет литри, Куманово, Демир Капија и Пожаране со два, Кавадарци со еден, покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во првата половина од ноќта наместа, особено во северните делови, беше нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и појава на град. Во втората половина од ноќта атмосферата се стабилизира, така што изутринава насекаде е сончево и тивко.
УХМР најавува дека времето претпладне ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и појава на град. Максималната температура ќе достигне од 30 до 38 степени, со УВ индекс 8.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура ќе достигне до 36 степени.