Во Општинската изборна комисија(ОИК)-Штип до денеска за гласање на 23 април или ден пред одржување на Претседателските избори се пријавени сто стари и изнемоштени лица, информираше денеска претседателот на ОИК-Штип, Виктор Вацев. Посочи дека до вечерва завршува рокот за пријавување на болните и изнемоштени лица и затоа членовите на ОИК ќе имаат дежурство до полноќ, кога и истекува рокот.
-Општинската изборна комисија ќе работи до полноќ, којашто ќе ги прима овие апликации за стари и изнемоштени лица, кои сакаат да гласаат во домашни услови, вели Вацев.
Инаку со право на глас на територија на Општина Штип се вкупно 41.489 избирачи, а на Претседателските и Парламентарните избори се затворени три гласачки места, кои имаат под 10 избирачи. Овие гласачи своето право на глас ќе го остварат во најблиски избирачки места.
-Од претходните, односно од локалните избори имавме такви три места, а сега имаме уште три нови такви места со гласачи под 10, односно на територијата на Општина Штип такви галсачки места имаме шест. Согласно новото упатство имаме избирачко место Софилари, потоа Брест и Горачино. Жителите од село Софилари ќе гласаат на избирачкото место во село Драгоево, потоа село Брест ќе гласаат во село Лакавица и село Горачино ќе гласа во село Лесковица, вели Вацев.
Тој додаде дека ОИК-Штип во секој момент очекува да пристигне недоверливиот материјал, а додека доверливиот материјал (гласачките ливчиња и списокот) го очекува во сабота или недела.